Tansel Parlak
09 Јануари 2021•Ажурирај: 10 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ
Меѓународниот аеродром „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул во 2020 година го користеа 16,9 милиони патници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пандемијата на коронавирусот се одрази на авиосообраќајот во целиот свет, а исклучок не беше ниту авиосекторот во Турција.
Во првиот квартал од годината, кога пандемијата беше уште на почетокот, појавата на вирусот во многу делови од светот доведе до ограничување во патувањата. Со доаѓањето на летото и ставањето на заразата во значителна мерка под контрола, дојде и до поголемо движење. Сепак, кон крајот на годината, пандемијата зеде сè поголем замав, поради што повторно дојде до пад во меѓународните патувања.
Поради пандемијата од коронавирусот, Аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул привремено е затворен на 28 март, а повторно е отворен на 1 јуни. Бројот на патниците е намален за 52 отсто во однос на 2019 година.
Бројот на патниците на овој аеродром во 2020 година на домашните летови изнесуваше 11,7 милиони, што претставува пад од 45 отсто во однос на 2019 година. Кога станува збор за меѓународните летови, аеродромот го користеа 5,2 милиони патници, што претставува пад од 62 отсто во однос на претходната година.
На ниво на година, патниците на домашните летови сочинуваат 69 отсто од вкупниот број, а на меѓународните 31 отсто.
Минатата година на аеродромот се реализирани 121.274 летови. Станува збор за 81.378 домашни летови и 39.896 меѓународни летови.