Başak Akbulut Yazar
29 Јуни 2021•Ажурирај: 30 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамките на истрагата против осомничените припадници на терористичката организација ФЕТО, ангажирани во Вооружените сили на Турција, започната е операција во 24 области, вклучувајќи го Истанбул, за приведување на 47 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одделот за истрага на терористичките злосторства на Главното обвинителство во Истанбул соопшти дека за овие лица е издаден налог за приведување.
Станува збор за истрага позната по називот „говорница“, поради начинот на комуникација на осомничените во организацијата.
Утврдено е дека осомничените лица како облик на комуникација во организацијата ФЕТО/ПДЈ користеле фиксни телефони, како што се јавните говорници и телефоните на киосците.
Освен споменатите методи на комуникација, постојат и други докази против нив, како што е изјавата со која ја признаваат поврзаноста со организацијата.
Во рамките на истрагата е издаден налог за приведување на 47 осомничени меѓу кои има службеници и припадници на копнените, воздушни и поморски сили, Генералната команда на Жандармеријата, Командата на Крајбрежната стража и Генералната дирекција за безбедност.
Безбедносните сили на Турција започнаа операција во 24 области за приведување на осомничените.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО со монтиран процес за наводна корупција во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.