Andaç Hongur
07 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
ИСТАНБУЛ (AA) - Заменик премиерот на Република Турција Нуман Куртулмуш изјави дека кризата помеѓу Катар и некои арапски земји е потребно да се реши со дијалог и со договор, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги правиме потребните напори за да кризата во врска со Катар се реши со договор, дипломатија и преговори. Претседателот на Републиката се обидува со дипломатски маневри со земјите од регионот, но и со сите други земји да го реши ова прашање", рече Куртулмуш во обраќањето по ифтарот на плоштадот Есенлер Дортјол во Истанбул.
Потсети и дека во светот моментално живеат околу 1,7 милијарди муслимани.
„Од Мароко до Индонезија, муслиманите живеат во најубавите места. Муслиманските земји во поглед на ресурсите се најбогатите региони во светот. Муслиманите имаат млада популација. Но, за жал и покрај сите предности, исламскиот свет не е на посакувано ниво, се соочува со кризи и нереди", рече Куртулмуш.
Потсети дека кризата помеѓу арапските земји и Катар предизвикала нова напнатост во регионот.
„Можен е длабок судир и хаос во регионот. Турција е пријател на сите народи во исламското поднебје и на овие простори", рече Куртулмуш, додавајќи дека Турција не сака повеќе да има пролевање на муслиманска крв во Сирија, Ирак, Либија и другите држави.