Vildan Karakaş
07 Февруари 2021•Ажурирај: 08 Февруари 2021
ШАНЛИУРФА (АА) - Мистериозен метален монолит се појави во близина на Гобеклитепе, домот на најстарите храмови во светот, во југоисточната турска област Шанлиурфа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Металниот монолит висок 3 метри има триаголен облик.
Жандармеријата е на местото по дојавата од локалното население.
Жандармериските сили го обиколија подрачјето, инаку празно земјиште, каде што пристигнаа експерти од локалните власти за култура и туризам.
Многу луѓе го посетија монолитот со натпис напишан со античката азбука гоктурк со значење: „Погледни кон небото ако сакаш да ја видиш Месечината“.
„Немаме видено вакво нешто во животот“, рече сопственикот на земјиштето каде што се појави монолитот, Фуат Демирдил.
Тој истакна дека го виделе монолитот кога се разбудиле наутро.
„Не знаеме што е тоа“, рече Демирдил и додаде дека мештаните се загрижени, и побара објаснување за настанувањето на монолитот.
Жандармеријата чува стража во радиус околу монолитот.
Гобеклитепе се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО и е домаќин на илјадници посетители од многу земји, од Европа до Далечниот Исток, од Америка до Африка.
Во ноември 2020 година, првиот монолит, неверојатно сличен на монолитот во научно-фантастичната класика „2001: Вселенска одисеја“, се појави во пустина во американската сојузна држава Јута.
Слични објекти се појавија и на други места, од Романија до Канада. Теориите за тоа кој ги направил и кој ги поставил мистериозните монолити честопати укажуваат на вонземјани, но откриено е и дека е можно монолитите да се дело и на локални уметници кои му оддаваат почит на овој филм.