Sena Güler
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
АНКАРА (АА) - Врховната изборна комисија на Република Турција (YSK) донесе одлука за повторно пребројување на неважечките гласачки ливчиња од неделните локални избори во седум дистрикти во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Врховната изборна комисија на вонредната седница ги разгледуваше вложените жалби и одлучи повторно во седум дистрикти да ги преброи гласачките ливчиња, кои во прелиминарната фаза се прогласени за неважечки.
Станува збор за ливчиња од гласачките места во истанбулските населби Шиле, Бајрампаша, Аташехир, Умраније, Бејкоз, Фатих и Газиосманпаша.
Претходното на жалба на владејчката Партија за правда и развој (AK Parti), Изборната комисија на ниво на дистриктите донесе одлука за пребројување на тие ливчиња, но по жалба на опозициската Републиканска народна партија (CHP) пребројувањето е запрено со одлука на Изборната комисија на ниво на областите.
Врховната комисија денес донесе конечна одлука според која тие ливчиња повторно ќе се бројат.
АК Партијата вчера вложи жалба на изборните резултати во вкупно 39 истанбулски дистрикти.
Гласачите во Турција во неделата избираа градоначалници во големите градови, началници на општини и градски или покраински и општински совети. Гласачите бираа и најниски инстанци на локалните власти во Турција.
Вкупно 12 политички партии учествуваа на изборите на кои граѓаните на Турција избираа локална власт со мандат од пет години. Право на глас имаа 57 милиони граѓани.
Најнеизвесната изборна трка за градоначалничка позиција се случи во Истанбул. Според прелиминарните резултати, кандидатот на опозициската Републиканска народна партија, Екрем Имамоглу, води со 48,79 отсто од освоените гласови пред кандидатот на АК Партијата, Бинали Јилдирим, кој доби 48,51 отсто од гласовите.