Mustafa Güngör
01 Јули 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
ИЗМИР (АА) - Во западниот турски град Измир се приведени најмалку 17 лица поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, која е одговорна за обидот за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Полицијата во Измир трагаше по 23 лица кои веќе се опфатени со истрагите поради членство во терористичката организација или по нив е издаден налог за приведување поради сомнеж дека се поврзани со ФЕТО“, се наведува во соопштението на Обвинителството во Измир.
Откако е утврдено дека лицата се кријат во куќите познати како ќелии на терористичката организација ФЕТО, на неколку адреси утринава се извршени претреси. Уапсени се вкупно 17 осомничени лица, додека по останатите шестмина сѐ уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО со монтиран процес за наводна корупција во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.