Ali Murat Alhas
03 Септември 2021•Ажурирај: 04 Септември 2021
ДИЈАРБАКИР (АА) - Заситени од седење дома во тага и не можејќи повеќе да ја поднесат болката, голем број мајки, чии деца беа киднапирани и принудно регрутирани од терористичката организација ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ, на 3 октомври 2019 година започнаа да протестираат во турскиот град Дијарбакир во обид да се обединат со своите синови и ќерки, јавува Агенција Анадолија (АА)
Протестите од ден на ден сѐ повеќе растеа, при што сѐ повеќе семејства, охрабрени од идејата повторно да се обединат со своите деца, им се придружија на мајките кои протестираат пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП), која властите ја обвинуваат дека е поврзана со терористичката организација ПКК.
Доаѓајќи од сите страни на Турција, досега на протестот учествуваа вкупно 234 семејства. Некои продолжуваат да протестираат, и покрај тоа што се обединија со своите деца, за да покажат солидарност со останатите мајки кои протестираат.
Благодарение на напорите на властите и одлучноста на семејствата, 32 од нивните деца ги напуштија ПКК и ЈПГ и им се предадоа на безбедносните власти. Во Турција, престапниците поврзани со тероризам ги исполнуваат условите за можни полесни казни според законот за покајание, доколку се предадат.
Иако на некои од нив во многу наврати им се закануваа терористи и беа подложни на насилство и материјална штета, семејствата не го напуштаат местото на протестот бидејќи многумина од нив веруваат дека ова е нивната последна шанса за да ги прегрнат своите синови и ќерки со кои немаат никаков контакт со години и велат дека нема што да изгубат.
Протестите во Дијарбакир, исто така, се проширија и во други области како Измир, Ван, Хакќари, Ширнак и Мус, а семејствата ги бараа своите деца назад. Во една пригода, Мајд Т., германска државјанка со корени во Турција, започна протест за нејзината ќерка Нилуфер во Берлин, која беше убедена да се приклучи на терористичката група.
Огромно мнозинство од семејствата потекнуваат од непривилегирани средини и се помалку образовани. Тие дадоа сѐ од себе да обезбедат своите деца да добијат универзитетска диплома и да имаат подобар живот. Меѓутоа, семејствата тврдат дека припадниците на ПКК им ги „испрале мозоците“ на децата да се приклучат на терористичката организација и им ги срушиле соништата киднапирајќи ги додека се школувале во средни училишта и универзитети.
Многу од семејствата тврдат дека ПКК намерно ги има за цел студентите, во обид да го одржат регионот помалку образован и без идна визија за да можат полесно и без приговори да ја спроведат својата присилна кампања за регрутирање.
ПКК не познава граници бидејќи не се воздржа од насилно регрутирање деца на возраст од осум години и ги потиснува оние што протестираат против нејзините методи со какви било средства. Кога една од мајките што протестира, Неџибе Чифтчи, застана против ПКК, која веќе киднапира еден од нејзините синови, нејзиниот постар син беше погубен со врзани раце.
Исчезнувањето на децата нанесе голема болка на семејствата, што длабоко влијаеше врз нивниот социјален живот, и многумина од нив велат дека радоста во нивните домови исчезнала и секогаш станувале емотивни кога ќе виделе нешто дома што ги потсетувало на нивното дете.
Некои од родителите беа принудени некое време да го прекинат образованието на другите деца од страв од можно киднапирање, бидејќи велат дека припадниците на ПКК им се заканувале во овој поглед, велејќи дека ќе ги земат и преостанатите деца, доколку не го прекинат нивниот протест.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.