Gözde Bayar
19 Февруари 2021•Ажурирај: 21 Февруари 2021
ДИЈАРБАКИР
Уште две семејства се придружија на протестите против терористичката организација ПКК во југоисточна Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Семејствата на децата кои се киднапирани или принудно регрутирани во терористичката организација ПКК, веќе повеќе од една година протестираат во Дијарбакир, повикувајќи ги своите деца да го положат оружјето и да се предадат на властите.
Мајките во Дијарбакир од 3 септември 2019 година протестираат пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП), која ја обвинуваат за регрутирање и одведување на малолетните лица во терористичките кампови на ПКК во југоисточна Турција.
Нихал Чифти од југоисточната област Хакќари се придружи на протестите за нејзиниот син Емирџан, кој беше киднапиран од терористичката организација пред девет години, кога имал 14 години.
„Не можев да спијам до зори. Не можев да се соочам со зимските денови, знаејќи дека мојот син е надвор на студ“, изјави таа.
Нагласувајќи дека ХДП и ПКК се одговорни за киднапирањето на нејзиниот син, таа изјави дека ќе продолжи да протестира сѐ додека нејзиниот син не се врати дома.
Потенцираше дека терористичката организација во 2018 година објавила дека нејзиниот син е убиен и рече дека резултатите од ДНК-анализите покажале дека не се работи за нејзиниот син.
Ибрахим Ерегли од источната област Ван, се придружи исто така на протестите за неговиот син Невзат, кој бил киднапиран од терористичката организација пред седум години.
„Нема да го напуштам ова место пред да се врати мојот син. Сакам мојот син да се врати од ХДП. Дозволете му на мојот син да се предаде на властите“, изјави Ерегли.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.