Burak Bir
28 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
АНКАРА
Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, денеска изјави дека е потребна сеофатна истрага за последните активностите на водачот на ДЕАШ, Абу Бакр ал Багдади, јавува Anadolu Agency (AA).
„Треба да се спроведе темелна истрага за активностите на водачот на ДЕАШ во Сирија и евентуално во Идлиб. Оние што се одговорни за помагање, поттикнување и толерирање на ваквите активности, треба да бидат истражени и изведени пред лицето на правдата“, напиша Алтун на социјалната мрежа Твитер.
Осврнувајќи се на операцијата во која е убиен водачот на ДЕАШ, Алтун изјави дека ова уште еднаш ја потврдило загриженоста на Турција за легитимната безбедност и потребата за турските антитерористички операции долж границата на земјата.
„Турција беше жртва на големи напади и завери на ДЕАШ по нејзиното појавување и опсежно се бореше против оваа терористичка организација“, изјави тој, додавајќи дека Турција заедно со своите сојузници води борба против тероризмот.
Алтун нагласи дека Европа е сериозно загрижена во врска со справувањето со проблемот на илјадници странски терористи кои одат од Европа во Сирија.
Потсетувајќи на претходните предупредувања на Турција, Алтун изрази загриженост поради вестите за постоењето договор меѓу терористичката група ЈПГ/ПКК и ДЕАШ и поради заканите, како што е минатонеделното акција на ЈПГ/ПКК кога од затвор ги ослободи заробените терористи на ДЕАШ. Тој истакна дека меѓународната коалиција треба да преземе неопходни мерки за да го спречи тоа.
Алтун, исто така ја повика меѓународната заедница да се обедини во борбата против тероризмот.
„Веруваме дека соработката против терористичките организации не треба да заврши со убивање на лидери од висок профил, но треба да продолжи додека сите ќелии на групите не бидат искоренети и сите членови на организацијата не бидат доведени пред лицето на правдата“, изјави тој.
Дефинирајќи го убиството на Багдади како „голем успех“ во борбата против тероризмот, тој додаде дека таа борба треба да продолжи без прекини.
Турција ја стави ДЕАШ на листата терористички организации во 2013 година.
Оттогаш, Турција многупати беше нападната од терористите на ДЕАШ, вклучувајќи 10 самоубиствени, 7 бомбашки и 4 оружени напади.
Алтун потсети дека голем број од нападите што ги изведе ДЕАШ, меѓу кои и нападите врз конзулатот на Турција во Мосул и ноќниот клуб Реина во Истанбул, се извршени по наредба на Багдади, информирајќи дека во нив животот го загубиле 304 турски државјани, а 1.338 биле ранети.
Како одговор на овие напади, Турција започна антитерористички операции на својата територија и пошироко.
Во двете прекугранични воени операции во Сирија од 2016 година, „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, Турција неутрализираше 3.500 терористи на ДЕАШ, а уапси 5.500.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.