Ekipa
28 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
АНКАРА (AA) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција, во согласност со принципите за борбата против тероризмот и во согласност со сојузничките и стратешките односи, даде значителен придонес во операцијата во која американските сили изминатиот викенд во Сирија го неутрализираа водачот на терористичката организација ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето пред новинарите по состанокот со министерката за надворешни работи на Гвинеја, Бисау Сузи Карла Барбос, Чавушоглу нагласи дека Турција на теренот решително се бори против сите терористички организации.
Чавушоглу рече дека турските сили директно се судриле со ДЕАШ и неутрализирале над 4.000 терористи и дека ја продолжуваат борбата против оваа терористичка организација.
На прашањето да ја прокоментира американската операција во која е неутрализиран водачот на ДЕАШ, Ал Багдади, Чавушоглу рече дека Турција како сојузник ги споделила информациите што ги имала.
„Американскиот претседател Доналд Трамп го изјави тоа, а нашето Министерство за одбрана претходно соопшти дека соработката била таква. Трамп затоа ѝ се заблагодари на Турција“, рече Чавушоглу.
Истакнувајќи дека Турција и понатаму ќе се бори против сите терористички организации, вклучувајќи ги и ДЕАШ И ЈПГ/ПКК, Чавушоглу рече дека запирањето на операцијата „Извор на мирот“ не значи дека турските сили се повлекуваат од теренот.
„Ние сме на теренот и нема повлекување. Ќе ги исчистиме сите терористички елементи кои нема да се повлечат во зададениот рок“, рече Чавушоглу.
Тој исто така кажа дека постојат одредени сознанија дека терористите на ЈПГ/ПКК за пари ги ослободиле терористите на ДЕАШ од затворите на северот на Сирија и тоа сѐ под плаштот на негодување поради антитерористичката операција која турските сили ја започнаа на 9 октомври.
„Сите тие гласини ги следиме и ги проверуваме. Всушност, од терористичка организација каква што е ЈПГ/ПКК, ништо поинакво и не може ниту да се очекува“, порача турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Турција води решителна борба против терористите на ПКК во рамките на своите граници, како и во соседните Ирак и Сирија каде што дејствува огранокот на ЈПГ.
ПКК се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и ЕУ. Во текот на повеќедецениското терористичко дејствување ПКК е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 лица.
Турција, исто така води решителна борба и против терористичката организација ДЕАШ, чиј водач Ал Багдади во изминатиот викенд беше убиен во операција на специјалните американски сили во сирискиот Идлиб.
Република Турција во 2013 година ја стави ДЕАШ на листата на терористички организации и покрена опсежни антитерористички операции во и надвор од своите граници.
Терористите на ДЕАШ во Турција од 2013 година изведоа бројни терористички напади, вклучувајќи 10 самоубиствени, 7 бомбашки и 4 оружени напади. Во тие напади се убиени најмалку 315 лица, вклучувјќи 11 полицајци и двајца војници. Ранети се најмалку 137 цивили, 62 полицајци и 7 војници.
Турските вооружени сили во изминатите три години во прекуграничните операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ на северот на Сирија неутрализираа најмалку 3.500 и уапсија 5.500 терористи на ДЕАШ.
Во рамките на борбата против терористичката организација ДЕАШ, Турција досега забранила влегување во земјата на близу 77.000 осомничени лица од 151 држава. Од Турција во 201 држава депортирани се 7.600 осомничени, а во надлежните центри во Турција депортација моментално чекаат 851 осомничено лице.