Mümin Altaş
20 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во однос на тензиите меѓу Украина и Русија истакна дека дијалогот меѓу НАТО-Русија и САД-Русија ќе биде одлучувачки во оваа насока, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу одговори на новинарските прашања по состанокот на Претседателскиот кабинет на Турција кој се одржа вчера.
Запрашан во врска со последната состојба за тензиите меѓу Украина и Русија, Чавушоглу рече дека постојат страни кои се оптимисти и страни кои се песимисти.
„Дијалогот меѓу НАТО-Русија и САД-Русија ќе биде одлучувачки во оваа насока“, нагласи Чавушоглу, додавајќи дека НАТО усно ѝ одговорил на Русија и дека ќе даде писмен одговор против предлозите на Русија.
Шефот на турската дипломатија истакна дека рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе се состанат во Женева.
„Тензиите се сериозни и продолжуваат. Исто така, и ние ќе продолжиме со контактите. Целта е да се намалат тензиите“, додаде Чавушоглу.
Што се однесува до прашањето во врска со процесот на нормализација на односите меѓу Ерменија и Турција, Чавушоглу рече дека специјалните претставници на првата средба разговарале за целта на започнување на овој процес и за тоа што очекуваат од тоа.
„Целта е целосна нормализација со Ерменија. Ние го соопштивме тоа. Ерменија е задоволна од тоа. Ќе се вршат работи и за тоа кои чекори може да се направат освен започнување на летовите и назначување на специјални претставници. Специјалните претставници ќе работат во оваа насока. Ќе се разговара за чекорите за зголемување на довербата“, истакна турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.