АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја потврди поддршката на Турција кон Венецуела и кон нејзините избрани лидери, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во Анкара се сретна со својот колега, венецуелскиот министер Хорхе Ареаза, кој престојува во официјална посета на Турција.
„Каква било негативна ситуација во Венецуела може да се одрази на цела Латинска Америка, дури и на Карибите. Верувам дека Венецуела, со солидарност, ќе ги надмине овие тешки времиња. Оваа соработка продолжува со сите земји. Ние во периодот пред нас ќе продолжиме со соработката со Венецуела. Ние сме покрај народот на Венецуела. Мадуро го гледаме како легитимен претседател на Венецуела“, порача Чавушоглу.
Турскиот министер се осврна и на локалните избори во Турција кои се одржаа вчера.
„Треба да го почитуваме изборот на нашиот народ. Изборите се одржани во демократска зрелост“, рече Чавушоглу.
Тој говореше и за состојбата во Венецуела, истакнувајќи дека земјата, откако Хуан Гваидо се самопрогласи за претседател на државата, минува низ тешки времиња.
„Турција, во согласност со принципите на немешање во внатрешните работи на државите и почитување на волјата на народот, ја признава администрацијата на Мадуро како легитимна власт во Венецуела. Во согласност со тоа и нашиот претседател (Реџеп Таип Ердоган заб. на ав.) беше еден од првите лидери кои го подржа Мадуро“, рече Чавушоглу.
Истакна дека мешањето на странски фактори во промената на легитимната власт, недемократските методи и едностраните санкции не ги сметаат за правилни.
Чавушоглу смета дека сеопфатно и одржливо решение во уставни рамки е можно да се постигне само преку дијалог.
Турскиот министер најави дека во текот на посетата на Соединетите Американски Држави (САД) која ќе започне денес, ќе се сретне со американскиот колега Мајк Помпео и со советникот за национална безбедност, Џон Болтон.
Министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаза, истакна дека Турција, на чело со Ердоган, во тешките времиња покажала пример за вистинско пријателство.
Тој рече дека односите помеѓу Венецуела и Турција минуваат низ историски период и потсети дека Ердоган бил еден од првите лидери кои го подржале венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
„Во време на политички проблеми кои се случуваат во Венецуела, Ердоган е еден од најзначајните светски лидери кои секогаш биле со нас“, рече Ареаза.
Потсети дека Турција е една од земјите кои се залагаат за немешање во внатрешните прашања на Венецуела.
„Турција, на чело со Реџеп Таип Ердоган, во тешките времиња ни покажа пример за пријателство“, рече Ареаза.