Çiğdem Alyanak,Etem Geylan,Berk Özkan,Adem Demir
23 Јуни 2019•Ажурирај: 24 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Кандидатот на владејачката Партија на правда и развој (АK Parti), Бинали Јилдирим, во врска со повторените локални избори во Истанбул, истакна: „Моментално води мојот противкандидат Екрем Имамоглу. Упатувам честитки до него и му посакувам успех“, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим во седиштето на Партијата на правдата и развојот (АK Parti) во Истанбул одржа прес-конференција по повод денешните избори, на која потсети дека Врховната изборна комисија (YSK) ја укинала забраната за емитување на резултатите на изборите.
„Моментално води мојот противкандидат Екрем Имамоглу. Упатувам честитки до него и му посакувам успех“, рече Јилдирим, упатувајќи благодарност до сите кои вложиле напор во овој период за време на изборната кампања.
„Изборите значат демократија. Овие избори уште еднаш покажаа дека демократијата во Турција функционира на најдобар и беспрекорен начин“, нагласи Јилдирим, истакнувајќи дека конечните резултати ќе се објават подоцна.
Јилдирим посака резултатите да бидат за доброто на иднината на Истанбул, и посака Имамоглу да работи за доброто на граѓаните на Истанбул.
„Би сакал да знаете дека ќе се обидеме да му помогнеме во секоја работа која ќе биде во корист на граѓаните на Истанбул. Посакувам одлуката која ја донесоа граѓаните на Истанбул, во наредните пет години да биде за доброто на нашите жени, нашите деца, и за 15 милиони лица кои живеат во Истанбул. Ви благодарам“, додаде Јилдирим.
Според првичните неофицијални резултати од изборите во Истанбул кандидатот на ЏХП, Екрем Имамоглу освои 53,72%, а кандидатот на Партијата на правдата и развојот, Бинали Јилдирим, освои 45.37% од гласовите.