Ekipa
23 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул се затворија избирачките места на кои гласачите на повторените избори денес бираа нов градоначалник на метрополата, јавува Anadolu Agency (AA).
Кандидатите за функцијата градоначалник на Истанбул беа Бинали Јилдирим - кандидат на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) и Партијата на национално движење (MHP) и Екрем Имамоглу - кандидат на опозициската Републиканска народна партија (CHP) и Партијата ИЈИ (IYI).
Според податоците на Врховната изборна комисија на Турција (YSK), право на глас на денешните избори во Истанбул имаа 10.560.963 регистрирани гласачи, кои ќе можеа да гласаат на вкупно 31.342 избирачки места.
Избирачките места беа отворени во 8:00 часот по локално време.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во придружба на сопругата Емине Ердоган, гласаше на избирачкото место во населбата Ускудар. Заедно со нив, на тоа избирачко место гласаа и турскиот министер за финансии и трезор, Берат Албарак, и неговата сопруга Есра Ердоган.
„Сметам дека гласачите на Истанбул ќе ја донесат најправилната одлука“, рече Ердоган, и додаде дека ќе ги следи резултатите од изборите во Истанбул.
Кандидатот на АК Партијата за градоначалник на Истанбул, Бинали Јилдирим, во придружба на сопругата гласаше во истанбулската населба Тузла, а со него беше и заменикот претседателот на АК Партијата, Џевдет Јилмаз.
По остварувањето на гласачкото право, Јилдирим изјави дека кандидатите во текот на кампањата говореле и ги презентирале своите проекти и планови, и дека денес зборот го имаат избирачите од Истанбул, кои ќе изберат градоначалник што ќе ја води градската управа во следните пет години.
„Ние ќе ја почитуваме одлуката на народот, а уверен сум дека тоа ќе биде вистинската одлука“, истакна Јилдирим.
Неговиот опонент Екрем Имамоглу, во придружба на неговата сопруга Дилек, гласаше на избирачкото место во Бејликдуз.
По гласањето, Имамоглу за новинарите изјави дека денешните избори се исклучително важни за Истанбул, но и за цела Турција.
„На крајот од денот сѐ ќе биде добро, очекувам убави резултати“, рече Имамоглу.
Денот на изборите во Истанбул помина со зголемени безбедносни мерки и без поголеми инциденти, а прелиминарните резултати од изборите се очекуваат вечерва.
Локалните избори во Турција се одржаа на 31 март оваа година. Врховната изборна комисија на Турција (YSK) на 6 мај донесе одлука со која ги поништи резултатите од мартовските избори за градоначалник на Истанбул, и нареди повторување на изборите за таа функција.
Резултатите се поништени откако беше утврдено дека имало низа нерегуларности и кршење на Изборниот законик, вклучително и тоа што на повеќе од 750 избирачки места не се ангажирани државни службеници како што наложуваат турските закони.