Пишува: Доц. д-р Исмаил ШАХИН
- Авторот е професор на Катедрата за меѓународни односи на Универзитетот „Хаџи Бајрам Вели“ во Анкара
ИСТАНБУЛ (АА) - Постојат многу пишани и визуелни докази на национално и меѓународно ниво дека грчките власти незаконски ги потиснуваат мигрантите до границите на таа земја и присилно ги истуркуваат назад кон територијата на Турција. Во тој контекст потребно е да се укаже не само на безбедноста на границите, туку и на меѓународните обврски на Грција, кои произлегуваат од меѓународните конвенции кон мигрантите, бидејќи одбраната која грчките власти ја истакнуваат и темелите на безбедноста на границите немаат никакво правно образложение.
Треба да се напомене дека Грција, како членка на Европската Унија (ЕУ), должна е да ја почитува Повелбата на ЕУ за темелните права. Според Лисабонскиот договор, кој стапи на сила на 1 декември 2009 година, државите членки на ЕУ се обврзани да дејствуваат во согласност со Повелбата.
Тука е усвоен принципот „забрана за враќање“ на мигрантите, односно принципот на непротерување. Според членот 19 од Повелбата, никој не смее да биде оддалечен, протеран или екстрадиран во држава во која постои сериозна опасност да биде подложен на смртна казна, мачење или на друга нечовечка и понижувачка постапка или казна. Главната основа на овој принцип се темели на Женевската конвенција од 1951 година која јасно пропишува дека мигрантите кои стигнале до границите на државата нема да бидат вратени под никакви услови.
- Услови кои не се сигурни, достоинствени и хумани -
Конвенцијата, исто така, наложува дека на бегалците, кои преминале на територијата на земјата без дозвола, треба да им се даде право без одложување да се пријават на надлежните органи, и да се осигура разумно време и потребните погодности за да се осигура нивното прифаќање во други земји. Како што може јасно да се разбере, принципот „забрана за враќање на мигрантите“ стана еден од темелните принципи на меѓународното право и правата на ЕУ. Од друга страна, треба да се напомене дека според Женевската конвенција, мигрантите можат да се депортираат од причини поврзани со националната безбедност или јавниот ред. Меѓутоа, дури и во овој случај, битно е правните процеси да се водат на транспарентен начин и да се признае правото на чесно судење кое на бегалците ќе им ги пружи сите видови на правни можности.
Кога се анализира мигрантската политика на грчката Влада, нема да биде претерано да се тврди дека таа политика се темели на остри мерки, на противправно и нехумано сфаќање. Бидејќи присилното враќање на мигрантите од страна на грчките власти, пред сите други кршења, е спротивно на принципот „забрана за враќање на мигрантите“ на меѓународното право, и во тој контекст е незаконска практика. Меѓутоа, грчките власти одбиваат да ги прифатат тврдењата за „присилно враќање на мигрантите“ во Егејското Море. Атина тврди дека тие извештаи не се вистинити и дека се темелат на намерни обвинувања од Турција.
- Лажни обвинувања на Атина -
Од друга страна, грчката Влада во службените соопштенија тврди дека поднела голема жртва за да се бори против криумчарите на луѓе и за да го спречи губењето на животите, со што во голема мерка ја запрела незаконската трговија со луѓе кон Европа. Но може да се каже дека изјавите на Атина по тоа прашање не се уверливи, до таа мерка што организациите за заштита на бегалците и европските претставници отворено ја осудија Грција со образложение дека грчките власти го прекршиле меѓународното право и темелните европски вредности.
Многу новинари надвор од Турција лично сведочеа дека грчката крајбрежна стража ги потиснува бегалците во Егејското Море и со сите детали на меѓународната јавност ги претставија нехуманите сцени на кои наишле. Новинарите уште еднаш потврдија дека Грција, што се одразува во бројни меѓународни извештаи, ги истуркува бегалците од Егејското Море во турските територијални води.
Уште едно тврдење на Атина е дека Турција ги поддржува нелегалните миграции во Егејското Море, со што ја зголемува напнатоста во регионот. Но, истражувањата покажуваат дека грчките власти не само што мигрантските бродови фатени во морето ги истуркале назад во турските територијални води, туку и ги фатиле бегалците кои успеале да дојдат до грчките острови и повторно ги истуркале во територијалните води. На пример, лицата за кои со фотографии и електронски податоци е докажано дека стигнале на островот Лезбос, грчките власти подоцна со чамци ги вратиле во турските територијални води.
Според меѓународните конвенции, Грција е должна безбедно да ги симне мигрантите, да ги регистрира и да истражи дали им е потребна меѓународна заштита. Меѓутоа, наместо да го следат овој правен пат, грчките власти попрво ги депортираат луѓето во опасни услови без почнување постапки за азил. Во овој момент, прилично е изненадувачки што властите на ЕУ ја повикале Турција да продолжи да ги прима мигрантите чии барања за азил не се прифатени. Очигледно дека Грција не води таков процес.
- Геополитичка и идеолошка загриженост на Европа -
Она што ЕУ во овој момент треба да го направи е некако да ја увери Атина да почне со постапки за барање азил во Грција. Несомнено е дека најголемиот товар на бегалската криза е на грбот на Турција. Од друга страна, европските земји избегнуваа, колку што е можно повеќе, да ги исполнат своите обврски за да го поделат тој товар. Сега, со тоа што не се применува политиката на одвраќање кон Грција, предизвикуваат продолжување на мерките кои грчките власти неодговорно ги користат.
Во таа смисла, контрадикторно е властите на ЕУ, од една страна да наведуваат дека Атина отворено го кршела европското и меѓународното право, додека од друга страна надгледуваат како илјадници мигранти не можат безбедно да преминат низ Средоземното Море и Егејското Море. Можеби причина за оваа контрадикција е ксенофобичната политичка клима која забрзано се шири низ Европа. Може да се каже дека оваа клима спречи сериозни реакции на Европа на „казнениот пристап“ на Грција кон мигрантите.
Најопасниот аспект на овој процес е тоа што антимигрантскиот и ксенофобичен пристап постепено станува нормализиран и вообичаен во Европа. За жал, економските потешкотии кои настанаа поради епидемијата со Ковид-19 на големо влијаат на ширење на идеологијата на „дехуманизација“ кон бегалците. Според тоа сфаќање, бегалците го загрозуваат националниот интегритет, јавниот ред и безбедност, како и европскиот начин на живот. Значи, се работи за илегални агресивни лица кои не заслужуваат помош и заштита. Гледајќи ја доминантната политичка клима и практика од оваа гледна точка, се разбира дека Европа имплицитно го поддржува грчкото блокирање на преминот на мигранти.
Зборовите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во текот на нејзината посета во Грција во март 2020 година, „Оваа граница не е само грчка граница, ова е и европска граница“, а потоа нарекувањето на Грција како „штит на Европа“ се индикативни по тоа што ја откриваат геополитичката димензија помеѓу ЕУ и Грција по тоа прашање. Меѓу останатото, на сите им е познат фактот дека геополитичката и идеолошката загриженост на Европа ги надминува правните и хуманитарните грижи, што ја охрабрува Атина да води незаконска и остра политика против бегалците.
news_share_descriptionsubscription_contact
