СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ -
Весникот „Бирлик“ (Единство) e основан на 23 декември 1944 година во Македонија, а пред 15 години запре со издавање. Во периодот додека се издаваше, успеа да стане школа за турското новинарство во оваа земја, пишува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Бирлик“, чија цел беше да стане гласот на Турците во Македонија, до денот кога се затвори, играше значајна улога во пренесувањето до турскиот свет на обичаите, традицијата, проблемите и успесите на Турците во земјата, како и во зачувувањето на нивната култура.
Првото издание на овој весник кој се издаваше од страна на група интелектуалци во периодот по Втората светска војна, се објави под наслов „Неделен весник на Националноослободителниот фронт на муслиманите од Македонија“, а логото на весникот вклучуваше џамија. По извесно време весникот се издаваше еднаш месечно, потоа на две недели, па секоја недела, а во последниот период трипати во неделата.
Старите членови на овој весник, кој се обиде да го зачува духот на единството, се среќаваат секоја година на 23 декември и се сеќаваат на старите денови.
Дрита Карахасан (75), која во 1988 година ја вршела функцијата главен и одговорен уредник на весникот, во изјава за АА истакна дека пред да дојде на оваа фукција, во Сервисот на турски јазик на државното радио во земјата работела 19 години, и укажа на важноста на издавањето на весникот „Бирлик“ во тој период.
„Издавањето на „Бирлик“ во тој период беше важно, бидејќи тогаш беше преминато на латинична азбука. Училиштето „Тефејуз“ на 26 декември почна да одржува настава на турски јазик. Весникот „Бирлик“ на некој начин беше учебник“, додаде Карахасан.
Карахасан информираше дека „Бирлик“ почнал со издавање и на списанијата „Севинч“, „Томурџук“, и „Сеслер“, и дека овие списанија дале придонес во развивањето на денешните писатели, политичари и интелектуалци.
Карахасан нагласи дека темелите на современата турска литература во Македонија се поставени во весникот „Бирлик“ и дека неговата цел била гласот на Турците во Македонија да го пренесе до Турците во светот.
Според неа, турската литература за деца во Македонија е повеќе развиена од истата литература во Турција. Таа нагласи дека од страна на поранешниот турски претседател Сулејман Демирел ја добиле Наградата на Фондацијата на писатели и уметници во турскиот свет (TÜRKSAV) за давање придонес во турскиот свет.
- „Бирлик е една школа“
Карахасан истакна дека проблемите на Турците во земјата биле објавени единствено во овој весник, но според неа, турската заедница во земјата не му давала доволна важност на весникот „Бирлик“.
Карахасан нагласи дека добиле поддршка од Турција за овој весник за кој станува збор.
„Се договаравме со Anadolu Agency. Оттаму добивавме бесплатни вести. Лесно ја пополнувавме страницата за надворешна политика“, рече таа.
Карахасан нагласи дека покрај настаните во Македонија и Турција, објавувале вести и од спортот, политиката, културата, уметноста и забавата, и дека во периодот на трансформацијата на поранешна Југославија, во месецот на постот Рамазан издавале специјални изданија.
Карахасан истакна дека во периодот на затворање на весникот, вработените со месеци не добивале плата, се жртвувале за опстанок на весникот.
„Бирлик беше една школа, играше многу важна улога. Да постоеше денес, ќе ја играше истата улога. За жал, и покрај тоа што го сакавме, не успеавме да направиме нешто и весникот беше затворен,“ рече таа.
Џемал Сулејман, поранешен заменик уредник на овој весник, раскажа дека во период од 30 години во весникот вршел различни функции.
„Бирлик е една школа. Во весникот „Бирлик“ се развија десетици новинари. Илјадници поети и писатели излегоа од оваа школа. Во „Бирлик“ се практикуваше добро новинарство“, рече Сулејман.
- „60 години ја пишуваше историјата на Турците во Македонија“
Сулејман нагласи дека весникот „Бирлик“ во период од 60 години ја пишувал историјата на Турците во Македонија, и дека овој весник е единствениот весник кој 60 години непрекинато се објавувал на турски јазик надвор од Турција.
Сулејман рече дека во изданијата на весникот не ја заборавиле ниту Источна Македонија, ниту Турците кои живеат таму. Според него, не останало ниту едно место и училиште во Источна Македонија кое не го посетиле како весник.
Тој рече дека може да се забележи голема разлика ако се споредуваат тогашното и денешното новинарство.
„Во тој период не можеше сѐ да напишеш, да нацрташ, туку можеше да објавиш вести само од доверливи извори. Имаше голема одговорност. Но денес, нека ми простат младите колеги, само што ја слушаат веста, веднаш ја пишуваат. Точно, неточно. Потоа се појавуваат големи проблеми“, додаде тој.
Сулејман потсети дека во почетокот на 2000 година станале претплатници на Anadolu Agency (AA) и рече дека вестите од светот кои ги добиле од АА дале придонес во развојот на јазикот во весникот.
Сулејман истакна дека бројни истакнати новинари од Турција пишувале колумни во „Бирлик“, и дека по распадот на Советскиот Сојуз реализирале соработка со бројни медиуми од турските републики.
Според него, во периодот кога се затворил, весникот не бил доволно заштитен. Тој информираше дека по затвoрањето на весникот, останатите весници со неколкумина пријатели ги пренеле во Здружението „Копру“ (Мост) во Скопје.
Сулејман рече дека под покровителство на Министерството за култура на Македонија во 2017 година била издадена неговата книга, насловена „Она што ми остана во секавање: 30 години во Бирлик“.