СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани во Македонија денеска го слават празникот Божиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во сите храмови на Македонската православна црква (МПЦ) изутринава се одржуваат божиќни литургии, a централното одбележување се одржа во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што литургија одржа архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога за сите.
Покрај бројните верници, на божиќната литургија во Соборниот храм во Скопје присуствуваше претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој по одржаната литургија даде изјава за медиумите, при што упати честитка по повод празникот Божиќ.
Тој на граѓаните им посака многу здравје, радост, среќа и сплотеност, не само за празниците, туку и низ целата година.

„Празниците не се само за празнување, туку и за потсетување, да нè потсетат на сето она што ни овозможило да опстојуваме низ вековите, да нè потсетуваат дека треба да го сакаме, почитуваме и чуваме тоа што го имаме, а не тоа што го немаме, затоа да си ја чуваме, почитуваме и сакаме Република Македонија, бидејќи неа ја имаме“, порача Иванов.
По повод Божиќ, писмо со честитки упати и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој порача денешниот ден да биде еден ден од многубројните што годинава ќе бидат исполнети со радост на патот на новата надеж за подобро утре за секој човек, во секој дом.
„Таа надеж и желба за подобро утре да ја пренесеме и во нашиот заеднички дом, општеството, за да го изградиме како похумано и поправедно, со просперитетна иднина за сите“, истакнува Заев.
На денешната литургија присуствуваа и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерката за правда, Рената Дескоска, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
- Одбележување на празникот Божиќ во земјите од регионот -
Празникот Божиќ се одбележува и во другите земји во регионот со пригодни божиќни литургии.
Во Белград, Србија, Божиќ беше одбележан со света архиерејска литургија во Храмот на св. Сава, со која чиноначалствуваше српскиот патријарх Иринеј.
Патријархот Иринеј во своето Божиќно послание ги повика верниците на Српската православна црква на взаемно разбирање, почит, љубов и простување, и им порача да се чуваат од тешките и без внимание изговорени зборови, бидејќи раните од зборот, како што рече, често се полоши од физичките рани.
Православните христијани во Хрватска, пак, го прославија Божик со богослужба што ја предводеше митрополитот љубљанско-загребски, Порфирије Периќ, во црквата на Светото Преображение во Загреб.
Верниците од православна вероисповед во Босна и Херцеговина, празникот Божиќ го дочекаа со светите литургии во црквите ширум земјата, додека централната литургија беше служена во Соборната црква во Сараево, од страна на митрополитот Хризостом.
И во повеќе црногорски градови утрово беа одржани божиќни литургии, но како и во поседните дваесет години, православните верници се поделени на оние кои ја поддржуваат митрополијата црногорско-приморска на Српската православна црква и Црногорската православна црква (ЦПЦ). Во Храмот на Христовото Воскресение во Подгорица, митрополитот црногорско-приморски Амфилохије со свештенството служеше Света архијерејска литургија.
Инаку, православните христијани ширум светот денес го одбележуваат празникот Божиќ, раѓањето на Исус Христос, кое го слават според Јулијанскиот календар.