Abdula Berisha
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Албанија, генерал-мајор Бајрам Бегај, оствари посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По пречекот со воени почести, генералот Бегај оствари средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и со министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска.
Во соопштението на Министерството за одбрана се вели дека на средбата со министерката Шекеринска беше истакната важноста на одбранбената соработка меѓу двете земји како соседи и НАТО-сојузници и на заедничките заложби за мир, стабилност и просперитет на регионот.
„Министерката Шекеринска рече дека неодамнешната посета на министерот за одбрана, Пелеши, на Северна Македонија, отвори ново поглавје во односите на двете земји и можности за соработка во кризниот менаџмент, обука и тренинзи. Од страна на началникот на ВС на Албанија, Бегај, беа упатени честитки за брзата и успешна воена интеграција на Северна Македонија во НАТО и беше изразена надеж дека сојузништвото во Алијансата ќе резултира со зголемена билатерална соработка во одбраната“, стои во соопштението.

Генералите Ѓурчиновски и Бегај за време на меѓусебната средба разговараа за соработката на полето на одбраната помеѓу двете земји соседи и сојузници во НАТО.
„Беше констатирано дека билатералната меѓуармиска соработка во континуитет е на високо ниво и дека придонесува кон безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко. Генералот Ѓурчиновски го запозна својот колега за тековните трансформациски процеси во Армијата, како и за понатамошните активности по нашето потполно воено интегрирање во НАТО, кое го заокруживме по вчерашното потпишување на Заедничката декларација за интеграција“, се вели во соопштението.
Воедно, соговорниците разговараа и за можностите за унапредување на идната соработка како НАТО-сојузници, особено во процесот на воената едукација, како и соработката на оперативно рамниште преку изведување на заеднички вeжбовни активности.
Делегацијата од Албанија за време на официјалниот состанок се запозна со мисијата и задачите, процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учеството во мировните операции, капацитетите на армискиот полигон „Криволак“, како и со облиците и можностите за вежбовни активности помеѓу двете армии.
Генералот Бегај, за време на официјалниот состанок, по упатените честитки за нашето успешно заокружување на процесот на воената интеграција во НАТО, истакна дека како соседи и сојузници во Алијансата секогаш ќе се настојува на изнаоѓање нови можности за подобрување на меѓусебната воена соработка.
По посетата на Генералштабот и Министерството за одбрана, генералот Бегај оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.