СКОПЈЕ (АА) - Комуникацијата на граѓаните со државните институции, во согласност со Законот за употреба на јазиците од 2008 година, е тема на денешната конференција организирана од страна на Здружението на граѓани за поддршка на меѓуетничкиот дијалог и развојот на заедницата „Заеднички вредности“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на дебатата од направената анализа со административните работници е колку граѓаните ги користеле можностите на овој закон. Претседателката на НВО „Заеднички вредности“, Разије Јонузи, истакна дека конечната цел на направената анализа е да се земат најдобрите искуства од законот од 2008 година и истите да бидат спроведени во новиот закон, кој веќе е вратен во собраниска процедура за усвојување.
Истражувањето ги опфаќа вработените на четири министерства, Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, како и Секретаријатот за имплементација на Охридскиот договор, преку анкетирање и интервјуирање на раководителите на секторите за да се види како граѓаните комуницираат со државните институции кога не го користат македонскиот јазик.
„Тоа што е констатирано во анализата е немањето информации околу спроведувањето на законот, бидејќи не секој е информиран дека постои еден таков закон од 2008 година, и едно друго прашање е ад хок решението ако едната страна одлучи да зборува на друг јазик од македонскиот, бидејќи секторите не се екипирани, и во повеќе наврати проблемот е решен на колегијален начин од страна на вработените“, рече Јонузи.
Беса Арифи, универзитетски професор, нагласи дека законот од 2008 година е многу малку имплементиран во државните институции, обвинувајќи ја неинформираноста на државните работници.
Што се однесува до препораките и перспективите на законот, Арифи истакна дека пред сè потребно е подигање на свеста и утврдување на методите за негово спроведување.
„Најголемиот недостаток кој го спречи спроведувањето беше недостатокот на подзаконските акти внатре во министерствата и државните институции, што ќе овозможија спроведување на законските норми во практика. Ваквите подзаконски акти или воопшто не се донесени, или вработените не биле информирани дека треба да постојат вакви акти“, рече Арифи и додаде дека главната препорака којашто произлегува од оваа анализа е создавањето на механизми кои ќе го гарантираат почитувањето на овие законски одредби.
Потсетуваме, на 11 јануари, Собранието на Македонија го усвои Законот за употреба на јазиците. Според овој закон, се предвидува во сите државни органи, покрај македонскиот јазик, официјален јазик да биде јазикот кој го зборуваат над 20 отсто од граѓаните на Македонија, во случајот албанскиот јазик.
Шест дена подоцна, претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, соопшти дека донел одлука да не го потпишува усвојувањето на законот, бидејќи, како што рече, законот е усвоен без јавна и научна дебата, како и без присуство на опозицијата, академската и експертската јавност.
Сега Законот за употреба на јазиците е вратен во собраниска процедура, и доколку обезбеди 61 глас од пратениците, тогаш нема да биде потребно претседателот Иванов да го потпише, со што по објавување во Службен весник законот ќе стапи во сила.
news_share_descriptionsubscription_contact


