Agim Sulaj
19 Септември 2025•Ажурирај: 20 Септември 2025
ПРИШТИНА (АА) - Имињата на 120 пратеници на Собранието се испишани на бели листови и залепени на плочникот во близина на влезот на зградата на косовското Собрание, како израз на протест поради неговото нефункционирање, иако поминаа повеќе од седум месеци од изборите на 9 февруари, јавува Анадолу.
Инсталацијата „Прошетка на срамот“ (Walk of shame) е реализирана на плоштадот „Ибрахим Ругова“ како знак на протест, при што името на секој пратеник е пречкртано.
Организаторот на оваа акција, Фатмир Битиќи, повеќе од 25 дена стои пред Собранието на Косово барајќи негово конституирање.
Тој изјави дека цел на неговата акција е граѓаните да се освестат за да не ги гласаат повеќе сегашните пратеници, без оглед на политичката партија што ја претставуваат.
Моментално, работата на пратениците на Собранието на Косово е суспендирана до 30 септември од страна на Уставниот суд, поради жалбата поднесена од партијата Српска листа, во врска со одвоеното гласање за потпретседателите на Собранието од немнозинските несрпски заедници и од немнозинската српска заедница, кои досега се гласаа во еден пакет.
По оваа одлука вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, на 7 септември изјави дека Уставниот суд функционира како политичка сенка на опозицијата против Движењето Самоопределување, што предизвика реакција и од меѓународната заедница во Косово.