Husamedin Gina
03 Мај 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис, истакна дека се надева дека во следните два месеца од француското претседателство со ЕУ ќе се донесат позитивни резултати и нема да има потреба од раздвојување на Северна Македонија и Албанија во процесот на започнување преговори за членството во Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, се сретна со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис, кој престојува во официјална посета на земјата.
По тет а тет средбата и пленарната седница меѓу делегациите на двете земји, министрите Османи и Ландсбергис одржаа заедничка прес-конференција.
Османи, заблагодарувајќи се на посетата на министерот Ландсбергис, истакна дека ова е чувствителен период за Северна Македонија, но исклучително сензитивен период и за Европа во геополитички контекст.
„Со министерот Ландсбергис се согласивме дека иднината на Европа зависи и од иднината на Украина и сите дискусии за европската безбедност треба да бидат врамени преку механизмите и на ОБСЕ и на засилената поддршка од страна на Европската Унија“, рече министерот Османи.
Османи додаде дека Северна Македонија како земја кандидат има целосна или стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Министерот Ландсбергис, одговарајќи на новинарско прашање дали како членка на ЕУ ќе поддржат почеток на преговорите со Република Северна Македонија, рече дека ниедна земја не може да го држи целиот пристапен процес во заложништво.
„Веројатно не постои подобро време кога нашите европски вредности биле поставени на тест и ние се наоѓаме на крстопат кога можеме или да изгубиме кредибилитет или да излеземе од тоа посилни. Досега Европа за време на кризите, секогаш излегуваше посилна и убеден сум дека и овој пат нема да биде различно“, рече Ландсбергис.
Во однос на тоа дали ќе поддржи одвојување на Северна Македонија и Албанија во процесот на пристапување во ЕУ, Ландсбергис рече дека се надева дека следните два месеца од француското претседателство ќе донесат позитивни резултати и дека нема да има потреба од раздвојување на двете земји.
„Мислам дека не се искористени сè уште сите инструменти за да се спречи тоа за да може двете земји заедно да се придвижат колку што е можно побрзо“, додаде тој.
Одговарајќи на новинарско прашање по информациите во дел од медиумите дека Теута Арифи по одбивањето од Вашингтон и од Брисел не добила виза ни за амбасадорското столче во Анкара, Турција, министерот Османи нагласи дека за Арифи немало формализиран предлог за амбасадорка во Брисел и никогаш, ама баш никогаш, не бил пратен агреман за Арифи да биде амбасадорка во Анкара.