Zlatan Kapic
02 Мај 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
БЕЛГРАД (АА) - Владата на Србија соопшти дека од вторник, 3 мај, престануваат да важат сите мерки за контрола и ограничувања за влез на лица во Србија, во врска со Ковид-19, како за странските, така и за домашните државјани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од полноќ, државјаните на Србија како и странските државјани при влез во земјата нема да имаат обврска да имаат негативен ПЦР-тест, брз антигенски тест, доказ за прележана болест, ниту потврда за вакцинација, без оглед на тоа од која земја од светот доаѓаат во Србија.
Одлуката за слободен влез на граѓаните на Србија и странските државјани во земјата е донесена врз основа на моменталната епидемиолошка ситуација во земјата и во согласност со одлуките на голем број земји од Европа и регионот.
Надлежните институции продолжуваат да го следат развојот на епидемиолошката ситуација во Србија од час во час и повремено да ја известуваат јавноста.
Како што е наведено во соопштението, важно е да се напомене дека оваа одлука не значи дека пандемијата со коронавирусот е завршена и дека граѓаните не треба да водат сметка за своето здравје.
На сила останува препораката за носење маски во затворен простор, додека носењето маски во здравствените установи е задолжително.
Ковид-амбулантите, пунктовите за тестирање за присуство на Ковид-19 и пунктовите за вакцинација продолжуваат да работат вообичаено, се наведува во соопштението.