СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Во Република Турција, на 16. април се одржа референдум за сетот уставни промени со кои парламентарниот систем ќе премине во претседателски систем на управување, а резултатите од референдумот покажуваат дека мнозинството граѓани се изјаснија оти го поддржуваат воведувањето на предложените уставни промени.
Одржувањето на референдумот и политичката ситуација во Турција предизвика големо внимание како во светот така и во регионот. Политичките и економските аналитичари од регионот осврнувајќи се на можното политичко и економско влијание од референдумот, за Anadolu Agency (AA), велат дека земјите од регионот треба да продолжат со унапредувањето на односите со Турција и сметаат дека со уставните промени оваа земја ќе постигне побрз економски развој и политичка стабилност.
Универзитетскиот професор Томе Неновски, кој предава на Економскиот факултет на „Американ колеџ“ во Скопје, за АА вели дека резултатот од референдумот во Република Турција е израз и одраз на волјата и желбите на мнозинството од турскиот народ.
- „Претседателскиот систем ќе го засили економското и политичкото одлучување“
„Воспоставувањето претседателски систем би требало да ги засили ефикасноста и брзината во политичкото, но и на економското одлучување и дејствувањето на турските власти. Очекувам дека тие измени во претстојниот период ќе го обноват и ќе го засилат трендот на забрзан раст на економијата на Р. Турција и нејзино постепено влегување (на среден рок) меѓу првите 10 најразвиени економии во светот“, истакнува Неновски.
Во контекст на односите Турција – ЕУ, професорот Неновски смета дека во прво време, можно е да се забави економската соработка на релацијата Турција – ЕУ, како и дека ќе се зајакне соработката на Турција со азиските и со блискоисточните земји. Меѓу другото, професорот Неновски очекува Турција да го засили економското присуство на Балканот.
Според неговите очекувања, претседателскиот систем ќе ја зацврсти политичката стабилност на Турција внатре во земјата, а на надворешен план, ќе ја претвори Турција во почитуван фактор во светски рамки.
„Прво, може да се очекува дека претседателскиот систем ќе ја зацврсти политичката стабилност на Р. Турција дома, во тамошната земја. Второ, таквата стабилност, дополнета со очекуваниот натамошен економски растеж, ќе ја претвори Р. Турција во исклучително респектабилен фактор во светски и, особено, во регионални рамки. Во такви претпоставени услови, разбирливо е дека Р. Македонија треба да продолжи со негувањето и унапредувањето на своите односи со Р. Турција на сите полиња каде што тоа е можно и прифатливо за двете страни.
- „Македонија да продолжи да ги унапредува односите со Турција"
Универзитетскиот професор Неновски верува дека долготрајната добра меѓусебна соработка меѓу Република Турција и Република Македонија, на сите полиња од општествениот живот ќе продолжи и понатаму, но смета дека таа треба да се унапредува.
„Соработката треба и да се унапредува во насока на зголемување на надворешно-трговската соработка на двете земји. Од страна на Република Турција очекувам да продолжат високоефектните инвестиции во Република Македонија, како што се претходно беа инвестициите во аеродромот 'Александар Велики' на фирмата ТАВ, кој прерасна во аеродромски бисер на Балканот, станбената изградба и др. Од друга страна, Македонија би требало да ги искористи речиси непрегледните можности на Турција за апсорбирање македонски производи“, наведува професорот Неновски, додавајќи дека генерално очекува нататамошен развој на исклучително добрите меѓусебни односи на Македонија со Турција.
- „Има оптимизам за постреферендумскиот период во Турција“
Д-р Илија Кристо, професор на Економскиот факултет при Универзитетот во Тирана, во изјава за АА вели дека е оптимист за периодот по референдумот во Турција, и додава: „За Турција, за тежината и положбата што ја има, интеграцијата (во ЕУ) е нејзината иднина. Јас сум оптимист за нејзината иднина и ќе чекаме да видиме што ќе се случи во иднина во оваа земја“, вели Кристо.
Тој изјави дека Турција е земја што треба да да се земе како пример во многу области, како и во административната поделба, поврзувајќи го тоа со економскиот развој. Кристо исто така нагласува дека Турција има можност да помогне во развојот на ваквиот вид на модели и во регионот, а особено во Албанија.
Оценувајќи го развојот во последните години во економијата и трговијата на Турција, Кристо изјави дека ја смета Турција за земја ориентирана кон технолошкиот напредок на индустријата и ја посочи како пример изградбата и работата на технопаркот ГОСБ. Тој го опиша тоа како модел што Албанија треба да го следи во иднина, гледајќи го како метод за поттикнување на економскиот развој и за инвестиции во Албанија“, рече Кристо.
- „Косово ќе биде меѓу првите земји со можност да имаат корист од постреферендумска Турција“
Мустафa Бајрами, доктор по исламската филозофија, рече дека Косово ќе биде меѓу првите земји со можност да имаат корист од постреферендумска Турција.
Докторот по исламската филозофија, Мустафа Бајрами, во изјава за Anadolu Agency (АА) ги оцени резултатите од референдумот во Турција, како и неговото потенцијално влијание врз Косово и на регионот. Говорејќи во врска со резултатите од референдумот за уставни промени во Турција, Бајрами рече дека тоа беше победа на демократијата, каде што турскиот народ го даде своето мислење за иднината и за политичкиот систем на земјата. Тој истакна дека оваа промена, исто така, ќе се одрази и во регионот, но и во целиот свет, особено во корист на оние што се угнетени.
„Не само во Турција, туку и во светот, референдумот рефлектираше надеж за подобар живот, како за турските државјани, така и за муслиманите низ целиот свет и за граѓаните во другите земји“, рече Бајрами.
Бајрами истакна дека постреферендумска Турција ќе го даде својот придонес како држава и повеќе во глобалната политика и во различните земји на светот.
„Мислам дека Косово ќе биде меѓу првите земји со можност да имаат корист од постреферендумска Турција. Првично, со постабилниот внатрешен систем на Турција, надевајќи се на економско зацврстување за уште посилна Турција и, нормално, надевајќи се на рефлектирање на турските политики во балканскиот регион, и во овој случај во Косово“.
Според Бајрами, во Косово постојат некои негативни тенденции коишто се одразуваат преку разни портали и медиуми. Тие имаат за цел да ја омаловажат историската позитивна улога на денешна Турција во регионот и во Косово, како и историската улога што Османслиското Царство ја имаше на територијата на Балканот. Бајрами истакна дека ова не може да влијае на односите меѓу двете земји и упати честитки до косовската политичка елита, која според него се стреми кон зајакнување на билатералните односи со турската држава.