Husameddin Gina
23 Ноември 2018•Ажурирај: 24 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - „За да се забрза и подобри соработката на економското поле помеѓу Македонија и Германија денес е формиран Управувачки комитет помеѓу владите на двете земји“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања во Владата на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на Мешовитиот управувачки комитет помеѓу Владите на Република Македонија и Сојузна Република Германија е да се продлабочат економските односи помеѓу двете земји.
По завршувањето на првиот состанок, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и директорот на Одделот за ЕУ проширување, Југоисточна Европа и Турција во Сојузното министерство за економија и енергетика на Германија, Хелге Толксдорф, одржаа заедничка прес-конференција на која ги истакнаа придобивките од формираниот комитет.
Според Анѓушев, Комитетот ќе работи на тоа да се обезбеди повеќе македонски производи да завршат на германските пазари, а исто така и повеќе германски технологии да стигнат во Македонија.
„Целта на овој Управувачки комитет е да ја забрза и подобри соработката на економско поле помеѓу Македонија и Германија, да ја направи подиректна, полесна, да ги надмине сите бирократски и административни бариери и да може подиректно и побрзо да се воспостави таквата соработка“, нагласи Анѓушев.
Толксдорф, заблагодарувајќи се на одличната соработка на првиот состанок истакна:
„Бевме навистина конструктивни. Би сакал да разјаснам дека уште на самиот почеток нашата цел е да ги вклучиме бизнисите, но и да ги вклучиме другите институции што се дел од македонската економија, коишто се активни“, рече Толксдор.
Тој, исто така, на прес-конференцијата наведе дека веќе имаат соработка со земјите од Западен Балкан, и дека на следниот состанок односно конференција во Полска ќе дискутираат за поврзаноста на земјите во регионот.
Се очекува Комитетот да оствари големи резултати во насока на имплементација на стратегијата за дуално образование која ќе даде позитивни ефекти за преквалификација на работоспособното население и негово апсорбирање на пазарот на трудот.