Fatjon Cuka
28 Ноември 2022•Ажурирај: 29 Ноември 2022
ТИРАНА (АА) - Албанија денеска одбележува 110 години од независноста, а по овој повод се одржаа голем број свечености низ целата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Централната церемонија по повод Денот на независноста започна утрово во Валона, каде што пред 110 години беше подигнато првото албанско знаме.
На настанот присуствуваа голем број официјални претставници, меѓу кои и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателката на Косово, Вјоса Османи, премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Косово, Албин Курти, претседателката на Собранието на Албанија, Линдита Никола, и претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца.
Претседателот на Албанија, Бегај, истакна дека независноста на Албанија беше и останува големо дело на албанскиот народ.
„Сто и десет години по прогласувањето на независноста, сведоци сме на големи промени што се случија во Албанија, Косово, Северна Македонија, Балканот, Европа и во светот. Албанскиот народ сè повеќе ги зајакнува своите позиции и улогата што ја заслужи, станувајќи сигурен фактор и актер на мирот, стабилноста и добрососедството во нашиот регион“, рече Бегај.
Симболичната церемонија за подигнување на знамето ја организираше и Општина Тирана на плоштадот „Скендербег“ во главниот град на Албанија, со учество на голем број официјални претставници и граѓани.
По повод 28 Ноември, Тирана и другите градови во земјата се украсени со знамиња и други национални симболи, со плоштади, куќи и институционални згради украсени во црвена и црна боја, создавајќи празнична атмосфера.
Во соседните земји Северна Македонија и Косово се организираат различни активности во чест на овој ден, а вечерва на плоштадот „Скендербег“ во Тирана ќе се одржи концерт на светски познатата пејачка Дуа Липа.
Во Албанија, 28 Ноември се слави како Ден на знамето и независноста. Освен во Албанија, 28 Ноември е неработен и во Косово.