Abdula Berisha
28 Ноември 2022•Ажурирај: 29 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - По повод 28 Ноември, Денот на албанското знаме и 110-годишнината од независноста на Албанија, Демократската унија за интеграција (ДУИ) под покровителство на лидерот на партијата Али Ахмети организираше свечена академија во Скопје, што традиционално се одржува секоја година посветена на Денот на албанското знаме, јавува Агенција Анадолија (АА).
Присутни на оваа академија беа амбасадорот на Албанија во Скопје, Фатос Река; амбасадорот на Косово во Скопје, Флориан Ќехаја; претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, првиот вицепремиер на Северна Македонија, Артан Груби, министри во Владата на Северна Македонија и претставници на државните институции на земјата.

Лидерот на ДУИ, Ахмети, во своето обраќање на настанот упати честитки по овој повод, додека во изјава за медиумите рече дека 29 Ноември претставува заеднички празник на сите Албанци за нивното национално знаме.
Амбасадорот на Албанија во Скопје, Река, во своето обраќање ги поздрави добрите односи меѓу Албанија и Северна Македонија, додавајќи дека потпишувањето на повеќе договори на последната заедничка владина седница меѓу двете земји е показател на решителноста за тоа обединето да гледаат кон иднината.

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Џафери, рече дека во негово лично име и во име на пратениците упатува честитки по повод Денот на албанското знаме.
Откако Албанија прогласи независност на 28 ноември 1912 година, овој датум се слави како Ден на знамето и независноста на Албанија и е официјален празник во Албанија, додека на различни начини се одбележува насекаде од Албанците во светот.