Besar Ademi
25 Јануари 2019•Ажурирај: 25 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Албанија и Косово го поздравија ратификувањето на Договорот од Преспа во Собранието на Грција, кој го решава 28-годишниот спор за името меѓу Македонија и Грција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот и министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Еди Рама, во објава на Твитер го поздрави ратификувањето на Договорот, упатувајќи честитки до премиерот на Грција, Алексис Ципрас, и до премиерот на Македонија, Зоран Заев, за како што наведе, нивните историски успеси и завршувањето на долгогодишниот спор меѓу двете земји.
Претседателот на Албанија, Илир Мета, преку објава на Фејсбук, ратификувањето на овој договор го опиша како историски успех.
„Ратификувањето на Договорот од Преспа и од страна на грчкиот Парламент е прекрасна вест за билатералните односи со Северна Македонија и за европската и евроатлантската перспектива на нашиот регион. Честитки за овој историски успех“, напиша Мета.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, го опиша ратификувањето на овој договор како значаен чекор за целиот регион.
„Го поздравувам лидерството на премиерот Алексис Ципрас, како и на двете земји, за донесувањето на храбрите одлуки за подобра иднина на Грција и Македонија. Ова е еден многу значаен чекор за целиот регион“, нагласи Пацоли.
Пратениците во грчкиот Парламент денес гласаа за Преспанскиот договор кој предвидува менување на името на Македонија во „Република Северна Македонија“.
Во грчкиот Парламент има 300 пратеници, од нив 153 пратеници гласаа „за“, 146 „против“, додека еден пратеник беше воздржан.
Овој договор во грчкиот Парламент помина со гласовите на сите 145 пратеници на владејачката „Сириза“ и со поддршка на осум пратеници од другите партии.
Со ратификувањето на Договорот од грчката страна, и двете земји ги исполнија своите обврски, со што се отвора патот на Македонија со името „Република Северна Македонија“ официјално да стане 30-та членка на НАТО.
Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција.
Собранието на Македонија Преспанскиот договор го ратификуваше на 11 јануари оваа година, со поддршка на двотретинско мнозинство, односно со 81 глас „за“.