Bojana Stojanovic
07 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
БЕЛГРАД (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) остануваат трајно посветени кон унапредување на економската соработка, регионалната стабилност и демократските вредности, но и непоколебливи во поддршката на целта на Србија за евроинтеграции, наведе американскиот претседател Џо Бајден во писмото до српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден упати писмо со честитки до Вучиќ по повод 15 февруари, Денот на државноста на Србија.
„Имајќи го предвид 140-годишното партнерство меѓу нашите две земји, САД остануваат трајно посветени на унапредување на економската соработка, регионалната стабилност и демократските вредности. Остануваме непоколебливи во поддршката на целта на Србија кон европската интеграција и ви пружаме поттик и понатаму да преземате тешки чекори за постигнување на таа цел, вклучително и воведување на потребните реформи и постигнување сеопфатен договор за нормализација со Косово, фокусиран на меѓусебно признавање“, наведе Бајден.
Тој додаде дека силата на односите меѓу двете земји се заснова на длабоката историја на врските меѓу народите кои се бореа како сојузници во двете светски војни.
„Исклучително го цениме големиот придонес што Србите го дадоа во американското општество во многу области. Исто така, ја цениме нашата блиска соработка во борбата против пандемијата на Ковид-19, додека заедно се соочуваме со овој глобален предизвик без преседан. Се радувам на соработката за продлабочување на пријателските врски меѓу нашите земји и зајакнувањето на односите меѓу Србија и Соединетите Американски Држави (САД)“, наведено е во честитката на Бајден.