Kemal Zorlak
02 Ноември 2024•Ажурирај: 04 Ноември 2024
ЊУЈОРК (АА) - Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, во своето обраќање на заседавањето на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, рече дека раководството на Република Србија агресивно се меша во внатрешните работи на Босна и Херцеговина, како и на некои други држави во регионот, и дека целта на Србија е постепен Аншлус (припојување на Австрија кон нацистичка Германија во 1938 година, заб.ав.) на ентитетот Република Српска во составот на Србија, јавува Анадолу.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) го продолжи мандатот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина за една година, а не долго потоа пред Советот говореше и претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ.
Тој истакна дека Босна и Херцеговина има направено значајни чекори кон евроатлантските и европските интеграции, но и дека без надворешните опструкции и блокади со кои се соочува БиХ, нејзиниот напредок можел да биде и поголем. Тој потсети на сите војни и агресии со кои беше соочена БиХ, од 1992 година до крајот на 1995 година.
Нагласи дека не смее да се заборави дека геноцидот врз Бошњаците бил врвот на агресијата врз Босна и Херцеговина. Тој потсети дека во мај годинава Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата со која е утврден Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година.
„За жал, раководството на Република Србија не ги почитува пресудите на судовите на Обединетите нации или гореспоменатата резолуција на Генералното собрание на ОН. Ве потсетувам дека Србија е единствената земја во светот која ја прекршила Конвенцијата на ОН за спречување и казнување на злосторството геноцид Деструктивната политика на Србија ја следат и властите на ентитетот на Република Српска“, рече претседавачот со Претседателството на БиХ.
Беќировиќ ја сподели информацијата дека во наставниот план и програма на основните училишта (во Република Српска) се вклучени содржини во кои се величаат осудените воени злосторници Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.
„Властите на ентитетот Република Српска опасно ги загрозуваат темелите на Дејтонскиот мировен договор. Јавно се залагаат за еднострано уривање на Дејтонскиот договор, за обновување на големосрпскиот злосторнички проект, уништување на државата Босна и Херцеговина, за кршење на меѓународното и домашното право.“
Беќировиќ понатаму предупреди дека раководството на Република Србија агресивно се меша во внатрешните работи на Босна и Херцеговина, како и на некои други држави од регионот.
„Еден од доказите за моето тврдење е усвоената Декларација на таканареченото сесрпско собрание во Белград, на 8 јуни годинава. Освен таканареченото сесрпско собрание, Декларацијата беше усвоена и во Собранието на Србија и Собранието на Република Српска. Таканареченото сесрпско собрание не може да биде надредено над државните органи на Босна и Херцеговина и да прогласува воена неутралност на Босна и Херцеговина. Еден од потпретседателите на Владата на Република Србија неодамна отворено призна дека „започна обединувањето на Србија и Република Српска“, рече Беќировиќ.
Беќировиќ истакна дека е време да се каже вистината за вистинските намери на Србија овде, во Советот за безбедност на ОН.
„Суштинската цел на раководството на Србија е постепен Аншлус на ентитетот Република Српска во составот на Србија. Таа цел се обидува да ја постигне преку злоупотреба на паралелните врски. Ве потсетувам дека во Уставот на Босна и Херцеговина јасно се наведува дека односите со соседните држави може да се воспостават „во согласност со суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Декларацијата на таканареченото сесрпско собрание е спротивна на Дејтонскиот договор и Уставот на БиХ. Поради овие и многу други причини, високиот претставник беше должен да ја стави надвор од сила оваа антидејтонска декларација. Таа не е само декларативен акт, туку опасен великодржавен програмски документ. За жал, високиот претставник тоа сѐ уште не го сторил“, нагласи Беќировиќ.
„Ја повикувам меѓународната заедница, особено ЕУ, јасно да го осуди реактивирањето на проектот за Голема Србија. Тоа не се однесува само на Босна и Херцеговина, туку и на цела Европа. Да го запреме навреме оживувањето на опасниот концепт ‘еден народ, еден сабор’. Посебно е неприфатливо раководството на Србија да не го почитува меѓународното право, како и конечните и обврзувачки пресуди на Уставниот суд на Босна и Херцеговина за државниот имот на Босна и Херцеговина.“
Државниот имот, нагласи тој, претставува нераскинлив дел од територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.
Озлогласениот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, се обиде во Дејтон да го подели државниот имот меѓу ентитетите, додаде Беќировиќ и рече: „Милошевиќ не ја постигна оваа цел за време на агресијата врз Босна и Херцеговина, како и за време на преговорите во Дејтон. Меѓународната заедница не смее да дозволи оваа воена цел да се оствари во мир“.
Беќировиќ ја поздрави одлуката на Советот за безбедност на ОН за продолжување на мандатот на ЕУФОР/Алтеа и порача:
„На крајот сакам особено да истакнам дека за мојата татковина Босна и Херцеговина е многу важно да се обезбедат неопходните предуслови кои ќе ја гарантираат безбедноста на сите граѓани. За жал, во соседството сме сведоци на енормно вооружување со офанзивно оружје. По геноцидот, злосторствата против човештвото и здружените злосторнички потфати од 1990-тите години, на Босна и Херцеговина треба да ѝ се овозможи да ги има потребните одбранбени капацитети, во согласност со меѓународното и националното право. Тоа е заедничка обврска на Босна и Херцеговина и на меѓународната заедница.“