САРАЕВО (АА) - Недостигот на целосен идентитет, инклузија, непостоење на регистар се само дел од проблемите со кои се соочуваат „невидливите деца на војната, заборавените деца на војната, родени за време на воените случувања во 1990-тите години во Босна и Херцеговина“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денеска во Сараево се собраа претставници на здруженијата на жртвите на војната и децата родени како резултат на војната, невладините и меѓународните организации, властите на БиХ и активисти на разговори за темата: „Која е правдата за децата родени поради војната?“.
По долгогодишната борба на децата родени од силувањата во војната за правно и општествено признавање, оваа година се случија првите значајни чекори на тој пат. Имено, децата родени по силување во војната оваа година добија статус на цивилни жртви на војната во Округот Брчко.
„Доколку нашата категорија би била институционално видлива во Федерацијата БиХ и Република Српска, тогаш би можеле да сметаме на тоа дека ќе се изработи закон што ќе ни обезбеди признавање на нашата болка и траума, што е многу важно во лечењето на траумата. Се разбира, паралелно со тоа треба да има и одредена парична компензација која носи и одредена сатисфакција за жртвите“, нагласи Ајна Јусиќ, претседателка на Здружението „Заборавени деца на војната“.
Таа истакна дека ѝ е големо задоволство што во својата речиси 30-та година може да говори за потенцијалното правно препознавање на децата родени од чинот на силување во војната на ниво на Федерацијата БиХ.
„Сметам дека дефинирањето на оваа категорија ѝ носи на Босна и Херцеговина дополнителен чекор напред кон исполнување на целите на транзициската правда. Децата родени како резултат на воено силување се вистина на оваа држава, вистината на меѓународната заедница и на целиот свет. За жал, гледаме дека напорите што ги правиме ние овде денес и тоа како ќе им помогнат на децата кои наскоро ќе се родат во Украина“, објасни Јусиќ.
Како што рече, не е познато колку деца се родени како последица на силувањата во текот на војната.
„Првиот проблем, првото кршење на правата што го направи БиХ е непостоењето на регистар за оваа категорија. Тоа значи дека ние сме потполно невидлива категорија“, рече Јусиќ.
Во дискусијата беше претставена и анализата „Законското признавање на децата родени поради војната во Босна и Херцеговина: Гласна афирмација во контекст на глобалната тишина“, што во соработка со организацијата „ТРИАЛ интернешнал“ ја напиша Арик Хатибие, студент на Правниот факултет на Харвард. Трудот ги анализира чекорите што ги презела БиХ со цел овозможување на правата на децата родени како резултат на војната, споредувајќи ги со меѓународните стандарди и иницијативи за законски решенија во други држави.
Амина Хуџдур, соработничка за комуникации на „ТРИАЛ интернешнал“, потсети на првото законско признавање оваа година на статусот на децата родени како последица на воено силување во Округот Брчко.
„Тоа беше значаен историски напредок што ја отвори вратата за дискусија за други законски иницијативи. Истиот месец, во јуни, Владата на Федерацијата БиХ усвои нацрт што имаше предвиден член кој децата кои се родени како последица на силување во војната ги препознава како посебен статус на цивилни жртви на војната. Нацрт-законот на Владата на ФБиХ отиде далеку од она што го имавме во Округот Брчко, имајќи предвид дека за децата се предвидени одредени права кога станува збор за бројни аспекти на поддршка, пред сѐ, зборуваме за поддршка за решавање на нивното станбено прашање, стекнување образование, правна и психолошка поддршка...“, објасни Хуџдур.
Сепак, таа смета дека за овој закон навистина да одговори на нивните потреби, потребно е да се слушне гласот на оние кои се засегнати од овој закон, а тоа се децата родени како последица на силување во војната.
Д-р Амра Делиќ, специјалист по невропсихијатрија во Плава поликлиника Тузла и докторанд на истражувачката мрежа на Европската Унија „Деца родени поради војна - минато, сегашност и иднина“, работеше на истражување на темата „Долгорочни искуства и психосоцијална благосостојба на децата родени поради војната во Босна и Херцеговина“.
„Моја задача денес е да ги презентирам прелиминарните резултати од истражувањето и зошто децата родени поради војната треба конечно да бидат препознаени како вулнерабилна група. Проблемот на нивната невидливост е токму тоа што тие не спаѓаат во ранливи категории според постоечките легислативи“, рече Делиќ.
„Моето истражување покажа дека децата родени поради војната живеат во лоши животни услови. Овде нема некои битни разлики во однос на останатите деца кои живееле во текот на војната во БиХ, меѓутоа, специфичноста е потеклото на нивното настанување, односот со мајката, старателите, хранителите, проблемите со идентитетот, трагањето по информации за биолошкото потекло, потеклото на таткото. Некои деца беа отфрлени од нивните мајки, беа стигматизирани“, истакна Делиќ.
Таа рече дека кога станува збор за менталното здравје, откриено е дека околу 12 отсто од децата родени поради војната биле позитивни на симптомите на посттрауматско стресно растројство, 22,2 отсто имале симптоми на тешка депресија, 42,2 отсто имале симптоми на соматоформно нарушување. Значи, студијата докажала дека децата родени поради војната, покрај лошите социоекономски услови, имаат и зголемени ризици за постздравствена и социјална исклученост, токму поради тоа што биле стигматизирани и дискриминирани.
Истакна дека нивната цел е социјалната интеграција, значи социјалното вклучување на децата.
Постојат истражувања што говорат дека во текот на војната во БиХ биле силувани околу 50.000 жени и девојчиња. Направени се одредени статистички анализи кои покажаа дека постои можност во Босна и Херцеговина да има од 2.000 до 4.000 деца родени како последица на силување во војната, но тоа не е официјален податок.