Admir Fazlagic
11 Јули 2020•Ажурирај: 12 Јули 2020
ВЕЛЕС
По повод 25 годишнината од геноцидот во Сребреница во бошњачкото село Горно Оризари во Општина Велес хортикултурно е уреден дел од простор во паркот во селото во обликот на „сребреничкиот цвет”, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на месната заедница на Горно Оризари, Енвер Карталовиќ во изјава за АА рече дека „Цветот на Сребреница" е проект кој го реализираат во соработка со Општина Велес.
„За жителите Бошњаци од Горно Оризари овој сребренички цвет е наш мал симобличен гест, кој сметам дека испраќа голема порака не само тука, туку и многу пошироко, а тоа е дека и после 25 години Бошњаците од овие простори не го заборавиле геноцидот и ја споделуваат болката со семејствата на сите жртви од овој геноцид", рече Карталовиќ.
Според него, сребреничкиот цвет за жителите на Горно Оризари има голема важност.
„Неговата важност се огледа во тоа што овој цвет ќе ги потсетува идните генерации дека во јули во 1995 година врз нашиот бошњачки народ е извршен геноцид и ќе биде своевидна врска со Бошњаците од Босна и Херцеговина, но и пошироко. Благодарност до локалните власти на Велес за овој гест и за можноста на овој начин симболично да им оддадеме почит на жртвите од геноцидот", додаде Карталовиќ.
Во јуни месец Општина Велес, како една од општините во Република Северна Македонија во која живеат значителен број Бошњаци, го прифати барањето за одбележување на 25. годишнината од геноцидот во Сребреница.
Иницијатори на овој предлог се Неџад Мехмедовиќ, заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците во Република Северна Македонија, Алмира Папиќ, претседателка на бошњачкото здружение „Шадрван“, и Сенида Чизмиќ, граѓанска активистка.
Низ годините наназад бошњачките здруженија во земјата организираа бројни настани, меѓу кои и традиционалниот Марш на мирот по повод одбележувањето на геноцидот во Сребреница, а оваа година, маршот и масовните собрири не се одржуваат поради состојбата со коронавирусот (Ковид-19).