Fatjon Cuka
09 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ТИРАНА
Во Албанија се потврдени првите два случаја на новиот коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (AA).
Министерството за здравство и социјална заштита соопшти дека здравствената состојба на двата потврдени случаја, татко и син, коишто допатувале од италијанскиот град Фиренца во Тирана, е стабилна, и се лекуваат во болницата за инфективни болести.
„Нашите национални структури за итни случаи и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) го следат клиничкиот и епидемиолошки протокол за двата случаја“, стои во соопштението.
Министерството го повторува повикот до граѓаните кои допатувале од земјите каде што е регистрирана појавата на коронавирус, а чувствуваат симптоми слични на грип, да се јават кај надлежните органи.
„Двајцата граѓани потврдени со новиот коронавирус, татко и син, 54-годишен и 28-годишен, престојуваа неколку дена во Фиренца и патуваа копнено со личен автомобил од Фиренца до Тирана преку граничниот премин Хани и Хотит“, се вели во соопштението на Министерството.
Откако биле пријавени клиничките знаци, за случајот биле информирани националните структури за итни случаи и на лицата веднаш им биле земени примероци, кои како што соопштуваат од Министерството, биле потврдени како позитивни од Лабораторијата за вирологија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Двата потврдени случаја со Ковид-19 се во стабилна состојба и се лекуваат во болницата за инфективни болести. Во меѓувреме, структурите на јавното здравство спроведуваат епидемиолошка истрага и земање примероци од нивните контакти“, велат од Министерството.