Fatjon Cuka
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
ТИРАНА (АА) - Првите два случаи на варијантата Омикрон на коронавирусот (Ковид-19) се потврдени во Албанија, соопштија здравствените власти, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во онлајн изјава на Техничкиот комитет на експерти се наведува дека во Албанија е потврден сомнежот на специјалистите за присуство на варијантата Омикрон.
„Комитетот информира дека сомнежот на специјалисти за присуство на варијантата Омикрон на вирусот во Албанија е потврден, а одговорот доаѓа од референтните лаборатории во Германија“, изјави шефицата на Техничкиот комитет на експерти, Мира Ракацоли.
Според неа, вакцинацијата останува најбезбедното оружје во справувањето со тешките форми на болеста.
Еугена Томини, директорка на Албанскиот институт за јавно здравје (ИЈЗ), рече дека се потврдени два случаи на Омикрон.
Таа додаде дека во земјата моментално преовладува варијантата Делта.
Министерството за здравство и социјална заштита потврди дека од почетокот на пандемијата во Албанија се регистрирани вкупно 206.616 случаи на Ковид-19, од кои 3.180 лица починале, 198.263 се излечени, а моментално има 5.173 активни случаи.