СКОПЈЕ (АА)
- ЏИХАД АЛИУ
Зоран Заев, кој поднесе оставка и од премиерската и од претседателската функција во неговата партија по поразот на Сојузот на социјалдемократите на Македонија (СДСМ) во вториот круг од локалните избори одржани во Северна Македонија на 31 октомври, „ќе биде запаметен како архитект на промените во евроатлантскиот пат на земјата“, јавува Агенција Анадолија (АА).
По околу 1,5 месец, денеска Собранието на Северна Македонија ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев.
Откако е констатирана оставката, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, треба да именува нов мандатар во рок од 10 дена.
Претседателот треба да го даде мандатот за формирање влада на партијата која ќе докаже дека го има мнозинството во Собранието. Се очекува новиот мандатар да биде Димитар Ковачевски, наследникот на Заев во СДСМ, кој беше заменик-министер за финансии во минатата Влада.
Новиот мандатар има рок од 20 дена до Собранието да достави нов состав и програма на Владата.
Коалицијата предводена од Зоран Заев беше поразена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во првиот и вториот круг од локалните избори.
За време на предизборната кампања Заев најави дека ќе поднесе оставка доколку кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов, не победи на изборите. Откако стана јасно дека СДСМ ќе изгуби многу општини, вклучително и главниот град Скопје, Заев ноќта на 31 октомври ја најави оставката, но не ја официјализира повеќе од 1,5 месец.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, барајќи гласање за доверба на Владата, на 11 ноември собра потписи од 61 пратеник во 120-члениот Парламент. Седницата се одложуваше во текот на целиот ден, бидејќи немаше кворум за нејзино одржување, а која требаше да доведе до пад на Владата.
Откако пратеникот Кастриот Реџепи, еден од коалициските партнери на СДСМ во Владата, не дојде на седницата на Собранието и на својот профил на социјалните мрежи соопшти дека нема да гласа за пад на Владата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, на полноќ ја затвори седницата изјавувајќи дека опозицијата не успеала да обезбеди кворум.
Следниот ден Движењето БЕСА соопшти дека се повлекло од коалицијата и дека неговите министри и заменици-министри поднеле оставки.
Заев, кој сѐ уште не ја официјализираше својата оставка, правеше напори за нови партнери во Владата за да го зајакне владиното мнозинство во име на неговата партија, со надеж дека тие ќе добијат датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ) во декември.
Заев на заедничката прес-конференција со Африм Гаши, претседател на опозициската Алтернатива, на 5 декември соопшти дека „имаат стабилно парламентарно мнозинство и влада“ и најави дека Алтернатива е дел од владината коалиција.
ЕУ ја објави својата одлука во средината на декември, а поради ветото на Бугарија од 2019 година, Северна Македонија повторно не доби „зелено светло“ од ЕУ за почеток на преговорите за членство.
Процесот низ кој помина Заев пред да стапи на функција првпат, најави дека пред него ќе има тешки задачи.
Во 2015 година, Заев, кој беше главен опозициски лидер во Северна Македонија (тогаш Македонија), со јавноста сподели снимени телефонски разговори на 20.000 луѓе, меѓу кои и тогашниот премиер Никола Груевски и други членови на Владата. Како резултат на протестите кои следуваа, во земјата беше донесена одлука да се оди на предвремени општи избори.
Иако ВМРО-ДПМНЕ беше партија со најмногу освоени пратеници - 51 на парламентарните избори одржани на 11 декември 2016 година, не успеа да коалицира и задачата да формира влада ја доби СДСМ, кој имаше 49 пратеници.
Како резултат на повеќемесечни политички препукувања, пратениците во април 2017 година се собраа да изберат претседател на Собранието, и го избраа Талат Џафери. Но, демонстрантите упаднаа во Собранието и се случија настаните подоцна познати како „Крвавиот четврток“.
Околу еден месец по настаните во Собранието, беше формирана коалициска Влада под водство на претседателот на СДСМ, Заев.
Лидерите на Северна Македонија и Грција по повеќемесечни преговори предводени од ОН го потпишаа Преспанскиот договор во јуни 2018 година. Со тоа се реши проблемот за името кој меѓу двете земји постоеше четврт век, и во овој контекст Македонија го смени името во Северна Македонија.
По овој процес, Грција повеќе не е пречка за европската интеграција на Северна Македонија. Со тоа Северна Македонија стана 30. членка на НАТО во март 2020 година.
Бугарија истакна дека не се исполнети условите од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан во 2017 година и побара меѓу нив да се решат прашањата како што се јазикот, идентитетот и историјата. Бугарија со неукинувањето на ветото се смета за единствена пречка Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.
Коалицијата на СДСМ предводена од Заев победи и на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година и Заев по вторпат формираше Влада.
Оставката на Заев, кој беше премиер на Северна Македонија околу 4,5 години, официјализирана е на 23 декември.
Во Северна Македонија, каде што се очекува новата влада да биде избрана за еден месец, премиерот и неговиот тим ќе се соочат со старо-нови предизвици.
news_share_descriptionsubscription_contact
