Fatjon Cuka
02 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
ТИРАНА (АА) - Во Албанија почна испораката на вакцините против коронавирусот според договорот што оваа земја го постигна со компанијата „Фајзер“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Албанија, Еди Рама, на прес-конференција од Меѓународниот аеродром во Тирана, каде што ја пречека првата пратка со 1.170 дози, рече дека процесот на вакцинација во Албанија е загарантиран и дека ќе продолжи.
„Почнавме да вакцинираме со дози што беа подароци од пријателска земја на Европската Унија, чие име сè уште не можам да го соопштам. Во меѓувреме, имаме директен договор со Фајзер, ние како Албанија и покрај нас и Србија. Другите земји, за жал, сè уште се во состојба на исчекување во време кога прашањето за вакцините станува сè покомплицирано и кога Европа влезе во хаос околу прашањето за вакцините, не само со Европската Унија, туку и со другите големи земји кои се закануваат со судско гонење“, рече Рама.
Премиерот на Албанија истакна дека според обврската преземена од „Фајзер“, другите дози ќе пристигнат во февруари.
„Многу сум среќен што успеавме да не останеме во вициозниот круг, каде што, за жал, има многу други. Ние се обврзавме да му помогнеме на Косово, но сакам да појаснам дека исклучително строгите правила и исклучително силните ограничувања што ги има воспоставено компанијата Фајзер, ни оневозможија да донираме дози на вакцини, но тие ни овозможуваат да обезбедиме вакцини за голем број лекари и медицински сестри од ковид-болницата во Приштина, како што ветивме, што треба да се направи тука на територијата на Република Албанија“, рече Рама.
Албанскиот премиер стои до мислењето дека „од начинот на кој го читаме договорот, Фајзер не го прекршил договорот со нас“.
„Што се однесува до вакцините од источната страна, односно кинеската и руската вакцина, нема предрасуди од научна природа, но нашиот избор е да бараме вакцини западно од Албанија. Ако Европската Унија е отворена за кинеските и руските вакцини, ние веднаш ќе го разгледаме овој пристап“, рече премиерот Рама.
Потсетуваме дека Албанија официјално ја започна кампањата за вакцинација против коронавирусот на 11 јануари, првично со здравствениот персонал.
Од друга страна, во Албанија во последните неколку недели се забележува растечки тренд на случаите со Ковид-19. Според официјалните податоци на Министерството за здравство и социјална заштита, од почетокот на пандемијата во Албанија регистрирани се вкупно 78.992 позитивни случаи на Ковид-19, од кои починале 1.393 лица, а 47.922 се оздравеле.