Murat Eğilmez
29 Ноември 2019•Ажурирај: 30 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека неговата земја ќе гради 500 станбени единици во Албанија по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Во Албанија се случи земјотрес. Министерството за животна средина и урбанизам, во рамки на Управата за развој на јавното домување (ТОКИ), ќе ги спроведе работите на соодветните места и турските браќа ќе изградат 500 станбени единици во Албанија“, рече Ердоган на свечената церемонија за поставување на камен-темелникот на комплексот на Универзитетот „Мармара“ во Истанбул.
„Ова е одговорноста која ни ја дава нашата цивилизација, така што турските браќа таму ќе градат 500 станбени единици за браќата Албанци“, истакна турскиот претседател.
„Како што ги испративме со авион нашите екипи, камиони и поставивме шатори, сега ќе го сториме истото, градејќи ги овие станбени единици што е можно поскоро и ќе ја прошириме нашата рака за помош за оние кои се во неволја во овие зимски денови“, додаде претседателот Ердоган.
Инаку, од земјотресот со јачина од 6,3 степени кој ја погоди Албанија на 26 ноември, според официјалните податоци на Министерството за одбрана на Албанија, загинаа 48 лица, а речиси 800 други се повредени.
Земјотресот исто така предизвика значителна материјална штета, уништувајќи и оштетувајќи ги зградите, куќите, културните споменици, објектите на институциите, додека земјата беше погодена од неколку други земјотреси во последните денови.