Agim Sulaj
08 Март 2023•Ажурирај: 09 Март 2023
ПРИШТИНА (АА) - По повод 8 Март - Меѓународниот ден на жената, во косовскиот главен Приштина стотици граѓани маршираа против насилството врз жените, јавува Анадолу.
Со повиците „Долу патријархатот“, „Уште колку злоупотребени жени“, „Убиствата на жени се најавени“, иницијативата „Маршираме, не славиме“ го започна протестот од Палатата на правдата во Хајвали во Приштина барајќи да се почитуваат правата на жените во Косово.
Потоа, демонстрантите од Палатата на правдата тргнаа кон плоштадот „Захир Пајазити“, а оттаму кон Специјалното обвинителство во Приштина и Полициската станица, каде што удираа во тенџериња и тави извикувајќи „Рацете на полицијата се крвави“ и „Долу патријархалната полиција“, а на крај отидоа пред Владата на Косово.
Меришане Сула од иницијативата „Маршираме, не славиме“, рече дека жените од сите места во Косово, од сите етникуми и професии имаат повеќе заеднички нешта отколку разлики.
Сула нагласи дека повеќе од 50 жени се убиени за помалку од 15 години во Косово, а само малку повеќе од 2.000 жени годишно пријавуваат насилство.
„Ние работиме во и надвор од домот. Поголемиот дел од нашето време во текот на денот е посветено на другите: чистење, готвење, грижа, а малкумина од нас добиваат плата за оваа работа. Малкумина од нас се во политика. Никој од нас не управува со ниту една општина. Од нас се очекува да ги исчистиме куќите во кои живееме, но малкумина од нас се сопственици на овие куќи. Ни велат дека сме родени на туѓа врата и одиме на туѓа врата“, додаде Сула.
Таа истакна дека секое право стекнато за жените треба внимателно да се заштитува, бидејќи, според неа, тие денес се во опасност.
Сула рече дека жените треба да бидат заедно за да се запознаат со меѓусебните предизвици и да ги ценат меѓусебните достигнувања.
Слични протести беа одржани во Косово и во претходните години по повод Меѓународниот ден на жената.