Admir Fazlagic
11 Јули 2019•Ажурирај: 11 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Форумот на Бошњаците во Северна Македонија, Бошњачката културна заедница во Северна Македонија и Здружението на турските невладини организации (МАТУСИТЕБ), вечерва во Скопје организираа комеморација во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).
На комеморацијата присуствуваа претставници на Владата на Република Северна Македонија (РСМ), претставници на Амбасадата на Република Турција во Скопје, претставници на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Северна Македонија, претставници на политички партии во земјата, пратеници во Собранието, претставници на граѓанскиот сектор, како и бројни граѓани од различна етничка припадност кои дојдоа да им оддадат почит на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Пред присутните се обрати министерот за култура, Хусни Исмаили, кој осврнувајќи се на геноцидот во Сребреница, рече дека присутните на вечерашната комеморацијата се присетуваат дека во геноцидот животот го загубиле лица кои биле на различна возраст, почнувајќи од неколку месеци па до повеќе од 90 години, претежно мажи, кои на овој свет ги оставиле своите мајки, ќерки, сестри, сопруги, кои и ден денес бараат правда за нивното загинување.
Министерот Исмаили рече дека значењето на оваа комеморација се огледа во тоа што се испраќа порака до сегашните генерации, со цел да не дозволат никогаш, никаде и никому да не му се случи геноцид. „Друго значење на оваа комеморација е тоа што со присетувње на оваа трагедија, на овој геноцид, ние ги спречуваме оние кои се обидуваат да го негираат самиот овој настан, да го намалат бројот на жртвите. Никогаш, никому да не му се случи тоа, ниту на Бошњаците, ниту на било кого во светот", рече Исмаили.
Скопскиот муфтија, Кенан ефенди Исмаили, ги поздрави присутните во име на ИВЗ и во име на претседателот на ИВЗ, Сулејман ефенди Реџепи. Тој рече дека геноцидот во Сребреница е злосторство за кое треба да се зборува и укажува.
„За извршеното злосторство мораме да зборуваме и да укажуваме, за да се спречи злото и во иднина. Таа обврска не смееме да ја занемариме. Да се говоори за злосторство, за геноцид врз едните, значи во исто време да се превенира злосторство врз сите останати", рече Исмаили.
Проф. д-р Џемил Бектовиќ, претставник на Бошњачката културна заедница во Северна Македонија рече дека со вечерашната комеморација се присетуваат на жртвите од геноцидот и не дозволуваат ниту невините жртви, ниту геноцидот, да бидат заборавени.
„Морам да нагласам дека постои дамка на совеста на целото човештво, затоа што одговорните светски институции не ја извшрија својата задача за да го спречат геноцидот иако имаа обврска за тоа бидејќи Сребреница беше заштитена зона", рече Бектовиќ, додавајќи дека „мора да се зборува и потсетува за сите геноциди, бидејќи негирање и релативизирање на вистината ги навредува жртвите и нивните најблиски, а меѓународната заедница е должна да ги казни сите злосторници."
„Многу претходни говорници велат дека се случил геноцид. Драги пријатели, тој беше системски планиран. Најголемите и најрепрезетнативните ресурси на Република Српска и Република Србија беа во функција на остварување на многу познатата цел, бошњачкиот елемент да исчезне од просторот на источна Босна и на темелите на крвта на Бошњаците од тој регион да изградат своја парадржава", рече Енес Шемсовиќ од Форумот на Бошњаците.
Шемсовиќ упати благодарност до сите припадници на различните етнички заедници кои, како што рече со вечерашното присуство ја покажуваат својата човечност и солидарност, упатувајќи посебна благодарност до турската етничка заедница во земјата, која во голем број присуствуваше на комеморацијата.
Претседателот на „Движењето за национално единство на Турците во Македонија", Ердоган Сарач, рече дека геноцидот во Сребреница е срам за човештвото и за меѓународната заедница.
„Нема да заборавиме и понатаму ќе го почитуваме сето она што го вели правото и правдината, ќе оддадеме почит на загинатите, ќе го одржиме зборпт дека мораме да се солидаризираме и да не дозволиме такво нешто да се случи, на било која страна", рече Сарач.
Низ годините наназад Бошњаците во Северна Македонија со низа информативни и културни настани се присетуваат на жртвите од геноцидот во Сребреница. Во рамките на одбележувањето на геноцидот во Сребреница, претседателот на Собранието на Северна Македонија, на 9 јули, ги прими претставниците на бошњачките невладини организации во земјата, а за утре во Скопје е најавен и „Марш на мирот“ во знак на 11 Јули - Ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.