Vesna Besiç
11 Јули 2019•Ажурирај: 11 Јули 2019
САРАЕВО (АА) Во Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари, пристигнуваат семејствата на жртвите на геноцидот извршен во јули 1995 година, кои денеска ќе присуствуваат на погребната молитва и закопот на посмртните останки на 33 новоидентификувани жртви, јавува Anadolu Agency (AA).
Табутите со посмртните останки на жртвите од Сребреница се пренесени синоќа од поранешната фабрика за акумулатори во Мусала на гробиштата во Меморијалниот центар.
Од утринава семејствата се простуваат од најмилите, по кои трагале 24 години.
Најмладата жртва којашто ќе биде закопана во Поточари оваа година е Осман Цврк, роден во 1979 година. Тој во моментот кога е убиен бил малолетен, имал само 16 години. На табутот со името на малолетниот Осман се наоѓаат посмртните останки кои се пронајдени на неколку различни локации.
Конечниот спокој оваа година ќе го најдат и таткото и синот - Заим и Фуад Пилав. Закопани ќе бидат и браќата Мујиќ, Фахрудин (25) и Зијо (28), како и браќата Исаковиќ. Еден од браќата, Асим Исаковиќ, во моментот кога е убиен имал 20 години, додека неговиот брат Касим бил само две години постар. Покрај нив, денеска ќе бидат закопани останки на уште 26 жртви од геноцидот.
Во Подриње, во Центарот за идентификација во Тузла се наоѓаат уште 140 неидентификувани жртви, но главно поради некомплетните посмртни останки семејствата сѐ уште не се решиле за закоп. Меѓу нив се наоѓаат 38 жртви кои се официјално идентификувани и со ДНК анализа и од страна на семејствата, а останатите се идентификувани само врз основа на ДНК анализа.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, досега се погребани 6.610 жртви на геноцидот, а и понатаму се трага по над 1.000 исчезнати сребреничани.
Посмртните останки на жртвите од геноцидот се пронајдени на околу 150 различни локации, од кои повеќе од 70 се масовни гробници.
Најмладата досега погребана жртва во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата жртва е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.