Furkan Abdula
10 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во Скопје во организација на Форумот на Бошњаците во Република Македонија се одржа комеморација во чест на жртвите на геноцидот во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа комеморативна програма присуствуваа бројни Бошњаци кои живеат во Македонија, претставници на невладини организации, претставници на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Македонија, како и претставници на политички партии во земјата.
Пред почетокот на говорите беа интонирани химните на Македонија и на Босна и Херцеговина, а се одржа едноминутен молк во чест на жртвите во Сребреница, а потоа се одржаа и пригодни обраќања во рамките на комеморативната програма.

Енес Шемсовиќ, координаторот на Форумот на Бошњаците во Македонија во изјава за медиумите истакна дека бошњачката заедница по повод геноцидот во Сребреница прави комеморација.
Тој додаде дека Бошњаците на овој начин демонстрираат единство со припадниците на бошњачкиот народ во целиот универзум, а во знак на сеќавање на жртвите геноцидот во Сребреница.
„Пораката на денешната комеморација е 'да се знае, да не се заборави'. Со оглед дека Сребреница е морално прашање од прв ред и се однесува на целото човештво, денеска сме тука припадници од сите етнички групи и од сите религиозни заедници. Целта е заеднички да го осудиме она што се случило во Сребреница да не му се повтори на никого“, изјави Шемсовиќ.
Генералниот секретар на ИВЗ, Ирсал Јакупи, во свое обраќање пред присутните рече дека има чест во име на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи да биде присутен на оваа комеморативна програма, како и да се присетат на тоа што се случувало во Сребреница.
„Историјата не учи и за добри работи и за лоши работи. Жал ми е што во 1995 година некаде околу 9.000 муслимани без никаква вина само што беа муслимани, или само што се викаа Бошњаци беа убиени“, истакна Јакупи.
Тој нагласи дека според исламско учење, ако се убие само еден човек во оваа земја, тоа се смета за грев како да се убиени сите луѓе во светот, порачувајќи такво злосторство да не се повтори било каде.
Јакупи потсети дека она што се случувало со муслиманите во Босна и Херцеговина во тоа време, денес се случува со муслиманите во Мјанмар, Сирија, и во други места, каде секој ден се убиваат невини луѓе.
- „Никогаш никому да не се повтори вакво дело без оглед на верска или етничка припадност“
Од друга страна, во пресрет на утрешното одбележување на 23 годишнина од геноцидот во Сребреница, автобус од Скопје тргна на пат кон Меморијалниот центар во Поточари во Сребреница.

Аделаид Каришик, претставник на Бошњачкиот истражувачки центар во Македонија, во изјава за АА истакна дека овој е четврти пат Бошњаците од Македонија организирано да патуваат во посета на Меморијалниот центар во Поточари во Сребреница по повод 23. годишнина од геноцидот во Сребреница.
„Многу ми е мило што освен Бошњаците во овој автобус којшто собира околу 50 луѓе, има од сите националности. Значи има и Македонци, и Албанци, и Турци, и Бошњаци. Ние како организатори, како Бошњачки истражувачки центар во координација со сите невладини и политички организации на Бошњаците во Македонија оваа година имаме можност да ја организираме оваа посета во Сребреница“, нагласи Каришик.
Тој вели дека утре ќе учествуваат на главната програма во Сребреница, кога ќе се изврши молитва за починатите во геноцидот кој се случи во 11 јули 1995 година, а потоа ќе се вратат во Македонија.
„Порака до сите добронамерни луѓе е ова злосторство да се нарече со неговото вистинско име, геноцид, како што е во меѓународни резолуции. Второ, како најголема порака е никогаш никому да не се повтори вакво дело без оглед на верска или етничка припадност“, порача Каришик.