Bekim Laci
24 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Политичкиот плурализам во медиумското известување во период вон изборна кампања“, беше темата на денешната конференција која се одржува во Скопје во организација на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), на која локалните и меѓународните експерти и познавачи на оваа проблематика дебатираат околу начините за промовирање на политчкиот плурализам во медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
Причините за одржување на оваа конференција, според директорката на МИМ, Билјана Петковска, се бројните меѓународни анализи во последните 10 години, според кои некои медиуми со меѓународна лиценца во Македонија имале еден доминантен пристап во нивното известување за опозицијата и во корист на поранешната власт. Според неа, во меѓувреме, овие телевизии продолжуваат со влијанието врз формирањето на јавното мислење.
Весна Никодиновска од МИМ, во своето обраќање на конференцијата нагласи дека политичкиот плурализам е прашање коешто Европската Унија (ЕУ) го прегрнала во 1990-тите години, и претставува коректна застапеност во медиумите на различните идеолошки групи и на малцинствата, кои преку медиумите ќе имаат една можност да ѝ се обратат на јавноста.
Никодиновска нагласи дека Изборниот законик од 2016 година ги обврзува медиумите да го покриваат изборниот процес на балансиран начин нудејќи им на учесниците еднакви услови за време на медиумската презентација, и додаде дека ситуацијата се комплицира во периодот надвор од изборната кампања, кога, како што рече таа, медиумите се предмет на обрските што произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, усвоен во 2013 година.
„Ситуацијата се комплицира надвор од изборните периоди. Во законот за аудио и аудиовизуелни услуги постојат основни начела кои меѓу другото го рефлектираат и концептот на политички плурализам, а се однесуваат на тоа дека радиодифузерите гелерано, треба, објективно и непристрасно да ги прикажуваат настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и да овозможуваат слободно оформурање на мислење на публиката за одделни настани", рече Никодиновска, според која проблемот лежи во отсуството на законската регулатива за казни надвор од изборната кампања.
За време на денешната дебата, експертите ќе дебатираат за трендовите на политичкиот плурализам во медиумското известување во европските земји, за механизмите за промовирање на политичкиот плурализам во медиумите во Македонија, по која резултатите заедно со предлозите ќе бидат доставени до надлежните актери во државата, кои можат да влијаат во подобрувањето на оваа ситуација.