Bedrudin Brljavac
05 Декември 2024•Ажурирај: 06 Декември 2024
САРАЕВО (АА) - Денеска во Судот на Босна и Херцеговина продолжи судењето на претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС), Милорад Додик, и вршителот на должноста директор на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, за непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, јавува Анадолу.
Голем број приврзаници на Додик се собраа пред Судот за да им дадат поддршка на обвинетите.
Додик на рочиштето пристигна во придружба на сопругата и синот, а на собирот присуствуваа и премиерот на РС, Радован Вишковиќ, и други официјални лица.
Одбраната на Додик и Лукиќ презентираше возвратни докази, односно материјални докази кои следуваат по доказите на Обвинителството на Босна и Херцеговина.
Горан Бубиќ, бранителот на Додик, претходно изјави дека одбраната ќе ги презентира доказите што следуваат по доказите на Обвинителството на Босна и Херцеговина.
Тој посочи дека нема да сведочат професорот по уставно право Синиша Каран и правниот советник Славко Митровиќ бидејќи се отсутни.
Следното рочиште треба да се одржи на 9 декември.
Лукиќ и Додик се обвинети дека од 1 до 9 јули 2023 година, во Бања Лука, свесно и знаејќи дека високиот претставник Шмит донел одлука со која го спречува стапувањето во сила на Законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина од 1 јули истата година, како и решението за спречување на стапување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и другите прописи на Република Српска, презеле дејствија со цел продолжување на законодавната постапка, неприменување и неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ.