Bojana Stojanovic
27 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Воведувањето на стопостотна царина на производи од Србија и Босна и Херцеговина претставува јасно кршење на ЦЕФТА (Централно Европскиот Договор за слободна трговија) и Договорот за стабилизација и асоцијација (ССA), поради што е неопходно двете земји да продолжат со координирани активности, со цел укинување на таксите, се согласија денес српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак во Белград, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од Претседателството на Србија, Вучиќ и Црнадак на состанокот ја поздравиле изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео во која тој ги повика приштинските власти да ги укинат таксите на стоки од Србија и Босна и Херцеговина.
Од Кабинетот на српскиот претседател се соопштува и дека Вучиќ изразил благодарност за тоа што на неодамнешното гласање во Генералното собрание за приемот на Косово, БиХ гласаше против. Тој нагласил дека за квалитетот на севкупните односи придонесува заемната поддршка во процесот на европските интеграции.
Српскиот претседател истакнал дека Србија е насочена кон добрата и активна соработка со своите соседи, како и тоа дека го поддржува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, со јасно почитување на Дејтонскиот договор и уважување на интересите и интегритетот на Република Српска.