Abdula Berisha
16 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
СКОПЈЕ
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, преку социјалните мрежи информираше дека е позитивен на новиот тип коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Сега ги добив најновите резултати за новите позитивни лица во Куманово, вкупно четириесет мои драги сограѓани помеѓу кои сум и јас“, напиша тој на својот профил на Фејсбук.
Информацијата објавена од Димитриевски им претходеше на информациите што во текот на денот треба да се објават од Министерството за здравство, во кои треба да се објават бројките за целата држава.
„Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против ова заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника, барам од вас дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца“, напиша Димитриевски.
Тој исто така повика на почитување на мерките и избегнување на блиски контакти, додавајќи дека нема простор за паника.
Куманово заедно со Скопје се градовите во Северна Македонија со најголем број заразени со коронавирус. Заклучно со вчерашните податоци на Министерството за здравство, во Северна Македонија има вкупно 974 заразени со КОВИД-19, од нив 339 се во Скопје, а 262 во Куманово.
Досега, вкупниот број на починати од коронавирус во земјата е 45, а 98 пациенти се излечени.