Ekipa
01 Јануари 2019•Ажурирај: 02 Јануари 2019
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Новата 2019 година е дочекана со музика, забава и огномет на полноќ на плоштадите во Македонија, Албанија и Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Во главниот град на Македонија, Скопје, голем број граѓани Новата година ја дочекаа на плоштадот Македонија каде што ги забавуваше хрватската рок група „Парни Валјак“, како и пејачи и музички бендови од Македонија и регионот.
Новогодишната прослава ја организира Град Скопје, додека на плоштадот Македонија веќе околу две недели се одржуваат разни новогодишни активности.
Во овој период на плоштадот Македонија беа поставени дрвени куќички како дел од новогодишната населба „Винтерленд“, каде што беа нудени рачно изработени сувенири, украси, книги, божикни подароци, како и гастрономски специјалитети и топли пијалаци.
Граѓаните, пак, во главниот град на Албанија, Тирана, со пригоден огномет и музика ја дочекаа Новата 2019 година на плоштадот „Скендербег“.

Таму се одржа централната новогодишна прослава на која учествуваа локални пејачи и музички бендови, чиј организатор беше општина Тирана.
Со голем деветминутен огномет и со концерт на отворено и жителите на Приштина влегоа во Новата 2019 година.
Неколку стотици граѓани се собраа на плоштадот „Захир Пајазити“ во центарот на главниот град на Косово, каде што општина Приштина организираше концерт под називот „Чекај на плоштадот“.
На концертот кој започна во 22:00 часот, настапуваат косовски поп и рок ѕвезди.
Традиционално, повеќето од граѓаните на Косово Новата година ја дочекаа во домашна атмосфера во кругот на семејството.