Bedrudin Brljavac
06 Септември 2022•Ажурирај: 06 Септември 2022
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пред на посетата на Босна и Херцеговина, изјави дека официјална Анкара следи политика која ја поддржува стабилноста и развојот на Балканот и неговиот процес на евроатлантски интеграции, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одржувајќи ги нашите длабоки пријателски и историски врски со балканските земји, се обидуваме да спречиме тензии“, рече Ердоган и додаде:
„Туркије следи политика која ја поддржува стабилноста и развојот на Балканот и неговиот процес на евроатлантски интеграции“.
Тој се осврна и на енергетската криза со која се соочуваат голем број европски земји.
„Европа ќе има сериозни проблеми оваа зима, а ние во моментов немаме проблеми со природниот гас“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на последните тензии меѓу Туркије и Грција.
„Одеднаш можеме да дојдеме преку ноќ“, повтори турскиот претседател Ердоган, предупредувајќи ја уште еднаш Грција.
Ердоган денеска со посетата на Босна и Херцеговина ќе ја започне тридневната регионална мини-балканска турнеја, во која покрај БиХ, ќе ги посети и Србија и Хрватска.
Како што соопшти Директоратот за комуникации на Туркије, за време на посетата на Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска ќе се разговара за повеќе билатерални, регионални, политички и економски теми.
Турскиот претседател во Сараево ќе се состане со членовите на Претседателството на БиХ и ќе присуствува на бизнис форумот Туркије-БиХ.
- Главна агенда на посетата е политичката криза во Босна и Херцеговина
Претседателот Ердоган рече дека како Туркије, се обидуваат да застанат пред тензиите при одржувањето на цврстите врски со овие простори, со кои имаат длабоко вкоренети историски, човечки и културни врски. Зборувајќи дека со проектите реализирани од страна на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Институтот „Јунус Емре“, Фондацијата „Маариф“, „Турк хавајолари“, ТРТ и турските општини, го поддржуваат развојот на овие географски простори, Ердоган продолжи со зборовите:
„Можеме да видиме дека платформата за вести ТРТ Балкан, која започна со работа во јуни, пополни важна празнина во регионот со своите емисии на регионалните јазици. Задоволство ни претставува тоа што покрај институциите на нашата држава, и нашите невладини организации и деловен свет преземаат активности што нѐ прават горди. Сведоци сме и дека рамномерниот и правичен однос на нашата земја е ценет од сите народи на овие простори. Ваквиот став ќе продолжи и во иднина. Главната агенда на мојата посета се напорите за решавање на политичката криза во Босна и Херцеговина која трае повеќе од една година. На сите мои средби ќе ја истакнам нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, што е од витално значење за мирот и стабилноста на Балканот.“
- По БиХ, посета на Србија и Хрватска
По Сараево, турскиот претседател ќе отпатува за Белград, каде што покрај средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и средбата на делегации, Ердоган ќе учествува во голем број програми. Планирано е Ердоган и Вучиќ да го посетат престижниот проект „Waterfront“ во Белград, во чија изградба учествуваат турски компании со 1.500 работници.
Последна станица од мини-балканската турнеја ќе биде Хрватска. Ердоган во четврток во Загреб ќе одржи состаноци со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ. Претседателот на Туркије ќе го отвори и Исламскиот културен центар во Сисак, кој е изграден со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Бизнис форум е планиран и во Хрватска.