Admir Fazlagic
17 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска оствари средба со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, со кого по билатералната средба одржаа заедничка прес-конференција, при што порачаа дека Република Македонија и Босна и Херцеговина (БиХ) се две пријателски земји кои имаат одлична соработка, со што сакаат да испратат порака до ЕУ дека земјите од Западен Балкан не се дел од проблемот, туку дел од решението, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев порача дека Македонија и Босна и Херцеговина се големи пријатели, држави кои имаат одлична соработка и немаат отворени прашања. Тој истакна дека двете земји се трудат заедно да овозможат унапредување на соработката од секој можен аспект, затоа, како што истакна, ја користат секоја можност за средби со цел да ги охрабрат деловната заедница, граѓаните, туристичките работници, работниците од областа на културата, образованието, да градат колку што е можно поинтензивна и пооперативна соработка меѓу двете земји.
„Нашите заеднички ставови ги знаете, дека целиот Балкан, вкупно шесте земји аспиранти за полноправно членство во Европската Унија, градиме заедничка стратегија, заеднички регионален настап, меѓусебно се поддржуваме и си помагаме, со што полесно ќе дојдеме до полноправно членство во ЕУ, но пред сѐ, ќе си помогнеме за унапредување на севкупната соработка во целиот овој наш регион којшто негува исти аспирации и иста иднина за своите граѓани“, рече Заев.
Тој додаде дека владите на двете земји работат на унапредување на соработката и потсети дека е потпишан договор за унапредување на соработката во земјоделството, договор за користење на возачките дозволи. Исто така, наведе и дека следува потпишување и имплементација на договорот меѓу двете земји за патување со лична карта, како и воспоставувње на авионската линија за поврзување на Скопје со Сараево.
Од друга страна, претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, изрази задоволство од посетата на Македонија и поради можноста, како што рече, да се потврди високото ниво на пријателските односи меѓу двете мултиетнички држави какви што се БиХ и Македонија, кои можат да бидат матрица и парадигма за тоа како можат да се надминат сите прогблеми и како понатамошниот развој на двете држави може да се насочи кон европските интеграции.
„Нашата конечна цел е потполна визна либерализација на подрачјето на Западен Балкан и, секако, и понатаму она што најмногу го обединува Западниот Балкан се нашите евроинтеграции. Нашата конечна цел е да станеме полноправна членка на ЕУ. Јакнењето на односите меѓу БиХ и Македонија, јакнењето на односите и во регионот на Западен Балкан, заедничките настапи кон трети пазари, презентацијата на вкупните економски, стопански и инвестициски поенцијали на Западен Балкан е нешто што може да нѐ врати во фокусот на големите инвеститори, кои на ова подрачје би можеле да дојдат како интегратори на производството со оглед на комплементарноста на стопанствата на земјите на Западен Балкан, но фокусот ќе остане на креирањето стабилен амбиент на Западен Балкан. Тоа е најважната порака од бизнисмените и од граѓаните“, истакна Звиздиќ и порача:
„Пораките и процесите што ги води премиерот Заев се добра порака до ЕУ, а нашето често дружење е нешто што сакаме да го претвориме во важна порака до ЕУ, дека Западен Балкан не е дел од проблемот, туку е дел од решението, како и дека ние во секоја смисла ѝ припаѓаме на ЕУ. Ќе го продолжме јакнењето на нашата соработка меѓу БиХ и Македонија и многу брзо ќе договориме официјална посета на Советот на министри на БиХ и на Владата на Република Макеоднија, што ќе биде добра можност за да потпишеме нови договоори со коишто ќе ги трасираме нашите правци на движење“.
Во рамките на посетата на Република Македонија, претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, денеска попладне ќе учествува на Самит 100, на којшто ќе учествуваат високи функционери од земјите од регионот, каде што ќе се разговара за воспоставување и продлабочување на бизнис соработката на земјите од Југоисточна Европа.