Vesna Besiç
08 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
САРАЕВО (AA) - Премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, сметаат дека регионот треба да има единствен пазар и заеднички настап кон остатокот на Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, смета дека „треба да ги намалиме распоните, како на претпријатијата, така и на граѓаните“.
„Важно е да се разговара за стопанството, посебно во текот на тешко време, во смисла на решавање на политичките прашања во овој регион, затоа што економските аспекти се и тоа како вредни и битни за решавање на другите аспекти. Веројатно сите ние, претседателите и премиерите, имаме исти цели, а тоа е да ја зголемиме конкуретноста на нашите претпријатија и да ја подобриме регионалната соработка“, рече Заев.
Еден од големите предизвици, смета тој, е да „имаме заедничка понуда за остатокот на Европа“.
„Имаме поделени производи, а доколку заеднички настапиме, тогаш ќе можеме да понудиме и поголеми количини производи на пазарот. Имаме многу нешта на кои треба да работиме. Остатокот на Европа повеќе ќе нè цени доколку имаме подобра соработка меѓу нас“, додаде Заев.
„Би рекол дека сме во фаза кога се согласуваме во врска со тоа што треба да се направи во регионот. Истовремено, сè повеќе сфаќаме дека тоа е полесно да се каже отколку да се направи“, рече Рама на Годишниот состанок на Одборот на гувернери на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во Сараево.
Додаде дека е јасно дека е потребно воспоставување слободна трговија на единствен пазар, доколку сакаат да работат регионално.
„Напорите кои се вложуваат во тој правец нè научија дека тоа е полесно да се каже отколку да се направи, бидејќи тоа е друга стврност кога сфаќате дека најголемите проблеми се во деталите, ситниците. Мислам дека не треба да чекаме да станеме дел од ЕУ за да имаме сопствен шенгенски модел во регионот. За мене нема многу смисла сè уште да заостануваме толку, во контекст на комуникациите, движењето и слобода во просторот. Треба да имаме многу поголем пазар и простор, а различни можности“, смета Рама.
Според неговите зборови, ЕУ станува сè повеќе како Балканот, сè помалку предвидлива.
„Времето на инвестирање во местата кои се тивки, мирни и предвидливи помина. Всушност, помеѓу различните и непредвидливи реалности, ние сме најдобри, бидејќи имаме пониски даноци и пониски трошоци за работната сила“, рече Рама, обраќајќи им се на инвеститорите.
Порача дека вложувањето во која било балканска земја е добро. Албанскиот премиер смета дека е битно овој регион да делува единствено.
„Секако, ние мораме да поминеме низ реформи, мораме да станеме подобри откако станавме полоши. Мораме да ги продлабочиме сопствените реформи, не само во поединечни држави, туку во регионот во целина. Тоа е тешко“, додаде Рама.
На вториот ден од Годишниот состанок на Одборот на гувернерите на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во Сараево пристигнаа лидерите на Западен Балкан, кои ќе разговараат за бројни теми од економска и политичка природа, од важност за целиот регион.
„Со поврзувањето на економиите до поголем раст“ е фокусот на Годишниот состанок на Одборот на гувернерите на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), кој почна вчера во Сараево.
За клучните теми за регионот ќе говорат премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и министерот за финансии на оваа земја, Драган Тевдовски, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Босна и Херцеговина, во овој дел на програмата ќе ја претставува претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.