Furkan Abdula
26 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА)
– Фуркан АБДУЛА
Поминаа 74 години од егзекуцијата на 4-цата членови на организацијата Јуџел, едни од пионерите на борбата на муслиманите Турци, кои живеат во Северна Македонија, за заштита на нивните обичаи, религија и јазик од комунистичкиот режим во периодот на поранешна Југославија.
Според информациите што ги собра дописникот на Агенција Анадолија (АА), Турците муслимани кои живееле во Македонија, како што беше познато во тоа време, во 1937 година почнале да формираат здруженија за да ги заштитат и зачуваат своите национални и духовни вредности, обичаи и традиции.
Организацијата која се смета за општествено движење основано од турските интелектуалци кои живееле во Македонија во 1941 година го доби името „Јуџел“ во 1945 година.
Основачки членови на организацијата се: Шуајб Азиз, Шерафетин Ферид, Назми Омер, Музафер Ахмет, Фетах Сулејман Пасич и Мехмет Далип.
За претседател на организацијата е избран Шуајб Азиз Ефенди, кој студирал на медресата „Атаула Ефенди“ во Скопје, а потоа отишол на Универзитетот „Ал-Азхар“ во Египет за да студира во областите теологија, мистицизам и западна филозофија.
Припадниците на движењето Јуџел, кои се изборија за многу важни придобивки за Турците во Македонија, успеаја да го формираат првото турско училиште, радио и првиот весник. Со поддршка на Назми Омер, турскиот весник „Бирлик“ започна да се издава на 23 декември 1944 година.
Покрај тоа, припадниците на движењето Јуџел беа пионери при отворањето на основното училиште „Тефејуз“ во Скопје, кое е прво турско училиште и е активно и денес. Исто така го поддржале печатењето на новата турска азбука и првата емисија на турски јазик на Скопското радио.
Повеќето од членовите на организацијата „Јуџел“, која е интелектуално движење што обезбедува опстанок на турската национална култура, литература и уметност во балканскиот регион, беа наставници.
- 4 Јуџелџии се застрелани
Од тогашната југословенска администрација организацијата беше обвинета дека „ги организира Турците кои живеат во Македонија против Народна Република Македонија преку формирање терористичко-шпионска организација и дека подготвува акција за промена и уривање на државниот поредок“.
Во август 1947 година 17 членови на организацијата беа уапсени во рамките на напорите за укинување на организацијата, а исто така започна и нивното судење.
Сослушувањата на уапсените членови на организацијата се одржаа на 19 јануари 1948 година. Се наведува дека не им било дозволено да избираат свои адвокати. Од друга страна, адвокатите назначени од управата, поради страв дека ќе бидат затворени, не биле во можност да ги бранат припадниците на движењето Јуџел.
За овие лица судот донесе одлука на 25 јануари 1948 година. Оваа одлука беше соопштена преку звучниците поставени на градскиот плоштад во Скопје.
Шуајб Азиз, Али Абдурахман, Назми Омер Јакуп и Адем Али, како резултат на лажниот судски процес беа осудени на смрт. Тие беа однесени во едно село во близина на Скопје на 27 февруари 1948 година и беа застрелани.
Погребните места на 4-те членови на организацијата Јуџел не се познати ниту денес.
Останатите затвореници на организацијата Јуџел беа осудени на 8 до 20 години затвор. По овие судења, во рамките на втората и третата група на притвор и прогонство од страна на југословенската администрација, многу членови на организацијата Јуџел беа осудени на затвор од 1 до 9 години и прогонство од 1 до 4 месеци.
Припадниците на движењето Јуџел кои ја отслужија затворската казна исто така нагласија дека биле подложени на разни видови тортура.
- „Јас сум жртва на мојата нација“
Писмото што шефот на организацијата, Шуајб Азиз, ѝ го напишал на сопругата пред да биде застрелан, излезе на виделина неодамна. Писмото напишано од Шуајб Азиз на хартија со кое било спакувано чоколадо содржи:
„Драга моја животна сопатничка Нигар, мои деца Улкер, Туран Ерктан и моето мало бебе, сега ве напуштам. Не успеав да се наситам на вас. Но таква ми била судбината. Нигар сакам да имаш доверба во моите деца, да ги гледаш како зениците на твоите очи. Секогаш да ги бакнуваш за мене. Обиди се да им обезбедиш образование. Не дозволувај да живеат во таа куќа, обидете се да најдете друг дом. Со помош на Решит Акшар, можеби ќе најдете начин за спас за нашите деца. Од денес понатаму тие деца немаат татко, имаат само мајка. Нека имаат доверба во нивната мајка. Јас сум жртва на мојата нација.“
Од неодамна напишани се голем број написи, а исто така снимени се и документарни филмови за животите на припадниците на движењето Јуџел. Меѓу активностите по повод годишнината од нивното погубување се одржува и комеморација.