СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, смета дека ниту една организација од западната Алијанса не сака да внесе во своите редови билатерални спорови помеѓу соседите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот ова го изјави на денешната конференција „По Охрид“, организирана од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, по повод 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.
На конференцијата, покрај претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, учествуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, како и бројни министри од Владата, државни функционери, поранешни политичари кои биле вклучени во процесот на преговори за склучување на Рамковниот договор, дипломатски претставници во земјата, како и бројни поканети гости, додека првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците на Северна Македонија, Артан Груби, ја имаше улогата на модератор на конференцијата „По Охрид“.
Претседателот Пендаровски смета дека само политичките решенија можат да гарантираат стабилна и демократска иднина. Според него, секоја криза треба да се внесе внатре во институциите и да се менаџира низ демократски структури.
„Статусот за кандидат за Европската Унија го добивме, пред сѐ, поради имплементацијата на Рамковниот договор. Ниту една организација од западната Алијанса не сака да внесе во своите редови билатерални спорови помеѓу соседите, а уште помалку спорови кои постојат меѓу каналите на една иста политичка заедница внатрешно фрактурирана по етнички линии“, додаде претседателот Пендаровски.
Тој смета дека на земјата не ѝ треба нов внатрешен и надворешно-политички концепт, бидејќи стариот Договор од 1991 година и по 2001 година нуди потенцијал за развој. На тоа додаде дека стабилноста и просперитетот на Република Северна Македонија зависат од капацитетот на земјата да се позиционира во евроатлантската група на нации.
„Убеден сум дека во една таква визија за иднината резонот поради кој беше постигнат Охридскиот рамковен договор е предност, а не пречка за нашиот развој и просперитет. Во тоа се состои главниот предизвик за нас, актуелната генерација политичари, да објаснуваме дека државата не може да загуби ако некои од нашите сограѓани добиваат права, кога тие права не се добиени за сметка на губењето на правата на другите наши сограѓани и етнички заедници“, изјави претседателот Пендаровски.
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека во 2017 година неговиот приоритет било да му даде живот на овој Договор, а тоа е донесувањето на Законот за јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор. Обврската која според премиерот Заев непотребно се одолговлекувала повеќе од една деценија.
„Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности. Почитувајќи ги овие уникатности и истовремено јакнејќи ја институционално нашата држава со преземање на инклузивни политики и позитивни мерки, ги поставивме темелите на Северна Македонија, како едно рамноправно општество“, изјави премиерот Заев.
Тој смета дека Охридскиот рамковен договор ја испрати пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу останатите граѓани.
„Договорот донесе нов дух на водење политики, политики кои градат мостови а не ги рушат, политики кои ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината во нашиот заеднички и евроатлантски дом, заедно со другите народи“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, смета дека Охридскиот договор ги постави новите правила на општествената кохезија и подоброто меѓуетничко функционирање, кое, според него, е најцврстиот и најсолиден темел врз кој видливо се трансформирало мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество.
„Основањето на Комитетот за односи меѓу заедниците, официјализацијата на Тетовскиот универзитет, основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“, на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Агенцијата за примена на јазикот, Инспекторатот, именувањето на нашите улици со достоинствени претставници на сите заедници во земјата се реалност која е резултат на помирувањето, меѓуетничкото почитување и соработка. Јас, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Артан, Бујар и серија други претставници на чело на домашните институции се реалност“, изјави претседателот на Собранието, Џафери.
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, смета дека со потпишувањето на Охридскиот договор се направила вистинската работа во вистинско време.
„Еден ден децата ќе пораснат во мирна европска држава, ќе знаат што било направено, од кого било направено и ќе бидат благодарни. Денеска тука, во Скопје, кога ќе погледнеме назад кон 13 август 2001 година, сите треба да бидеме благодарни. За овој Договор требаше да се работи многу, и сѐ уште треба многу да се работи на него. Договорот не претставуваше крај, туку почеток“, изјави поранешниот секретар Робертсон.
Во Република Северна Македонија се навршуваат 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Договорот, чии преговори започнаа во Скопје, а се завршија во Охрид, со кој беа унапредени правата, првенствено на Албанците, но и на другите немнозински етнички заедници во земјата (Турци, Бошњаци, Срби, Власи и Роми), стави крај на воениот конфликт во 2001 година.